ФИФА ја одби жалбата на Франција: Жолтиот картон на Олис останува во сила

ФИФА не ја прифати жалбата на Француската фудбалска федерација за поништување на жолтиот картон на Мајкл Олис. Тој ќе игра против Мароко со ризик да го пропушти евентуалното полуфинале.
EPA/BENJAMIN FANJOY

ФИФА ја одби жалбата на Француската фудбалска федерација за поништување на жолтиот картон што го доби Мајкл Олис во натпреварот против Парагвај, па францускиот репрезентативец ќе настапи во четвртфиналето против Мароко со опасност од суспензија.

Доколку Олис заработи уште еден жолт картон во дуелот со Мароко, ќе го пропушти евентуалното полуфинале на Светското првенство, што претставува дополнителен проблем за селекторот Дидие Дешан.

Одлуката на ФИФА ја потврди и самиот Дешан на прес-конференцијата пред четвртфиналниот натпревар.

„Утрово ја добивме одлуката на ФИФА – картонот останува во сила“, изјави францускиот селектор.

Олис беше опоменат во победата на Франција над Парагвај со 1:0, по инцидент со противничкиот фудбалер Матијас Галарза. Од францускиот табор тврдеа дека нивниот играч воопшто не го допрел противникот и побараа дисциплинската мерка да биде избришана, но ФИФА не ја прифати жалбата.

Одлуката доаѓа само неколку дена по контроверзната одлука на Светската фудбалска федерација да ја поништи суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун, што предизвика бројни реакции во фудбалската јавност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс