400 млади учесници и триесетина гости од пет европски земји од 24 до 29 септември во Скопје ќе бидат дел од 14. издание на филмскиот фестивал Џифони Македонија. Годинешната програма носи над 80 филма и осум креативни работилници под мотото „Невозможните нешта“.
Натпреварувачката програма почнува со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума. Публиката ќе ги гледа и новите кратки филмови на домашните автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда.
Регионалната понуда ги носи црногорскиот игран филм „Видра“ на Срџан Вулетиќ и хрватскиот „Вториот дневник на Паулина П.“ во режија на Невен Хитрец, наменет за јуниорската публика. Останатите наслови доаѓаат од Европа и светот. Најавени се гостувања на четворица режисери кои по проекциите ќе разговараат со младите.
Покрај филмските проекции, младите ќе работат во осум работилници. Новитет годинава е ЕКО ЛАБ работилницата, организирана со поддршка на Град Скопје и „Пакомак“. Учесниците таму ќе собираат и рециклираат пластични шишиња за да изработуваат нови предмети преку 3Д печатач.
Организаторите наведуваат дека темата „Невозможните нешта“ се обраќа кон генерациите Z и Алфа преку сложени приказни за предизвиците со кои се соочуваат. Фестивалот е финансиски поддржан од домашната Агенција за филм, Министерството за култура на Италија, Италијанската амбасада, Италијанскиот културен институт, Џифони Експириенс, Град Скопје и скопските општини Карпош, Центар и Кисела Вода.