Првиот електричен Ferrari би можел да чини околу 550.000 евра

Ferrari подготвува влез во електричниот сегмент со моделот „Luce“, чија почетна цена, според извештаи пренесени од Reuters, би можела да изнесува околу 550.000 евра.

Ferrari со својот прв целосно електричен модел, наречен „Luce“, влегува во деликатен момент за пазарот, кога глобалната побарувачка за електрични возила покажува знаци на забавување, а конкуренцијата во луксузниот сегмент станува сè поостра. Според информациите што ги објави Bloomberg, а ги пренесе Reuters, почетната цена на моделот во Европа е поставена на околу 550.000 евра, иако финалната цена сè уште не е официјално заклучена и може да варира за околу 10 проценти во двата правци.

Ако оваа цена остане, „Luce“ би бил значително поскап од Ferrari Purosangue, чија почетна цена е околу 400.000 евра. Тоа веднаш го става новиот електричен модел во самиот врв на ценовната скала на Ferrari, веднаш зад најексклузивните и лимитирани модели. Според автомобилските медиуми, „Luce“ би можел да стане еден од најскапите сериски модели на компанијата.

Токму тука е и најголемиот ризик за Ferrari. Купувачите на овој бренд традиционално се врзани за моторите со внатрешно согорување, особено за емоцијата, звукот и карактерот што ги носат V8 и V12 агрегатите. Во таков контекст, електричен Ferrari со цена што оди над половина милион евра би можел да се соочи со отпор, дури и меѓу најлојалните купувачи. Но од друга страна, Ferrari очигледно не сака неговиот прв електричен модел да биде доживеан како компромис, туку како ексклузивен производ на врвот на понудата. Тоа е заклучок што произлегува од ценовното позиционирање, иако компанијата сè уште не ја објавила целосната официјална конфигурација.

Според извештаите, „Luce“ ќе има четири електромотори со повеќе од 1.000 коњски сили, а дизајнерски и концепциски ќе биде поблиску до четирисед или гран туризмо модел отколку до класичен суперавтомобил. Премиерата на автомобилот се очекува во Рим следниот месец.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни