„Ферари“ го откри првиот целосно електричен автомобил, цената ќе биде 550.000 евра

„Ферари“ го претстави својот прв целосно електричен автомобил, моделот „Луче“, со почетна цена од 550.000 евра. Новиот модел претставува голем исчекор за италијанскиот бренд, бидејќи се оддалечува од класичниот изглед на суперспортските „ферари“ автомобили и доаѓа како прв модел со пет седишта.

Италијанската компанија влегува во електричната ера во период кога дел од нејзините конкуренти, како „Ламборгини“ и „Порше“, ги намалија плановите за електрични возила поради послабата побарувачка и силната конкуренција од кинеските брендови.

Главниот извршен директор на „Ферари“, Бенедето Виња, изјави дека развојот на „Луче“, што на италијански значи светлина, траел половина деценија.

Моделот работи со погон на сите четири тркала и може да достигне брзина од 96 километри на час за околу 2,5 секунди.

Од „Ферари“ соопштија дека сите делови се произведуваат во нивната фабрика, што значи дека автомобилот во иднина ќе може да се поправа од самата компанија. Со тоа, според брендот, се штити и неговата препродажна вредност.

Со овој модел, „Ферари“ се обидува да ја задржи ексклузивноста и препознатливоста на брендот, но истовремено да покаже дека може да влезе во сегментот на електрични автомобили без целосно да се откаже од својата луксузна и спортска ДНК.

е-Трн да боцка во твојот инбокс