Гостивар: 22 дена се пумпала фекална вода во градскиот водовод

ОЈО Гостивар отвори истрага против тројца раководители на „Комуналец“, откако над 3.100 граѓани побараа помош поради затруеност.

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истражна постапка против в. д. директорката на ЈП „Комуналец“ Артана Асани и двајца раководители, поради основано сомнение дека 22 дена внесувале фекална вода во Гостивар преку главниот цевковод. Истрагата утврди дека по нивен налог биле поставени потопни пумпи во отворен канал, што предизвика епидемија и повеќе од 3.150 здравствени контакти на граѓаните.

Според соопштението на Гостиварското обвинителство, осомничените Артана Асани како в. д. директорка на ЈП „Комуналец“, Леон Нуредини како технички раководител и Вадедин Дервиши како раководител на Одделението за водовод, на 25 јуни дале налог да се постават три потопни пумпи во канал со површинска вода. Целта била да се тестира притисокот во мрежата. При увидот на 16 јули е утврдено дека две пумпи сè уште работеле и преку црева ја пренесувале загадената вода од каналот директно во преливната комора на главниот цевковод.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажаа дека површинската вода од каналот содржела 2.419,6 cfu/100 мл колиформни бактерии, што е околу 48 пати над максимално дозволените 50 cfu/100 мл. Во примероците од каптираниот извор се пронајдени 39 cfu/100 мл од овие бактерии, каде што референтната вредност е нула. Дополнително, на чешма на улицата ЈНА во Гостивар е измерен резидуален хлор од 1,1 мг/л, што е над двапати повеќе од горната дозволена граница од 0,5 мг/л.

Осомничените се товарaт за кривично дело „Тешки дела против животната средина и природата“ од член 234 од Кривичниот законик. За ова дело е предвидена казна затвор од 1 до 10 години. Министерот за здравство Сашо Клековски објави дека досега се регистрирани 3.150 здравствени контакти на граѓани со затруената вода, а четири лица беа хоспитализирани.

Градоначалникот Валбон Лимани ги суспендираше раководителите, но изјави дека не чувствува морална одговорност, додека премиерот Христијан Мицкоски побара одговорност од сите вклучени во случајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс