Овие прелиминарни наоди доаѓаат по двегодишната истрага на Европската комисија врз Мета, компанијата сопственичка на двете социјални мрежи. Комисијата се фокусира на три конкретни функции: бесконечно скролање, автоматско пуштање видеа и високо персонализирани алгоритми за препорака. Според Комисијата, овие функции ги туркаат корисниците во состојба на компулсивно ангажирање. Мозокот преминува во таканаречен „автопилот режим”.
Од Европската комисија заклучуваат дека Мета не ги проценила ризиците соодветно и го нарушува физичкото и менталното здравје на корисниците, кои вклучуваат и малолетни и ранливи возрасни лица. Компанијата конкретно е обвинета дека игнорирала докази за тоа колку долго малолетниците ги користат Инстаграм и Фејсбук навечер. Исто така, игнорирала докази за тоа како функции како Reels и Stories поттикнуваат прекумерна употреба.
Постоечките мерки за заштита воведени од Мета, според ЕК не се доволни бидејќи се доволно лесни за игнорирање и исклучувањата и не успеваат значително да ја намалат употребата. Брисел сега бара поконкретни мерки од Мета.
Се бара клучните функции кои предизвикуваат зависност да бидат исклучени по автоматизам, како што се автоматското пуштање на видеа и бесконечното скролање, а компанијата треба да воведе и вистински паузи за намалување на времето поминато пред екраните. Алгоритмот за препораки, исто така, треба помалку да се фокусира на максимизирање на ангажманот на корисниците.
Овие наоди се се уште прелиминарни, а сега Мета ќе има можност да ги разгледа доказите и да одговори. Конечната одлука за тоа дали Европската комисија ќе нареди построги правила се очекуваат за неколку месеци.
Доколку наодите се потврдат, Мета се соочува и со парична казна, која може да изнесува и до шест отсто од нејзиниот годишен глобален приход.
Портпарол на Мета изјави дека тие не се согласуваат со овие прелиминарни наоди и дека тоа што го соопшти ЕК не соодветствува со чекорите преземени од страна на компанијата за заштита на корисниците, особено тинејџерите.