Мислите дека банката ве спасува од хакери? Оваа измама може да ви ја испразни сметката

Измамниците ве убедуваат дека сте хакирани и дека парите ви се загрозени. Еве како функционираат „фантомските хакерски измами“ и како да се заштитите.


Замислете дека добивате предупредување дека компјутерот ви е хакиран, а потоа ве повикува наводен банкарски службеник кој ви кажува дека некој се обидува да ви ги украде парите. Ви нуди решение, да ги префрлите средствата на „безбедна сметка“. Неколку минути подоцна парите исчезнуваат. Ова е суштината на таканаречените „фантомски хакерски измами“, сè почеста измама во која жртвата, убедена дека се штити, всушност сама им го предава својот имот на криминалците. Ваквите измами, познати како „phantom hacker“ или „phantom scams“, се сложени шеми во кои измамниците ја убедуваат жртвата дека нејзиниот компјутер, телефон или банкарска сметка се компромитирани.

Целта не е нужно директно да го хакираат уредот или банкарската сметка. Наместо тоа, измамниците ја манипулираат жртвата сама да ги направи чекорите што ќе им овозможат пристап до парите.

Како функционира измамата?

Шемата најчесто се одвива во неколку фази.

1. Лажно предупредување дека сте хакирани

Сè може да започне со порака, телефонски повик или скок-прозорец на компјутерот во кој се тврди дека уредот е заразен со вирус или дека некој се обидел да го хакира.Жртвата добива телефонски број на кој треба да се јави за „техничка помош“. Лицето од другата страна се претставува како техничка поддршка и може да побара од жртвата да инсталира програма за далечински пристап до компјутерот или телефонот.

Токму тука измамниците добиваат можност да го следат она што го прави жртвата на уредот и да дојдат до чувствителни податоци.

2. Се јавува „банката“

Следниот чекор често е уште поубедлив. Друга личност се јавува и се претставува како банкарски службеник. Жртвата е предупредена дека некој се обидува да пристапи до нејзината банкарска сметка.

Измамниците можат да користат и лажирање на бројот од кој се јавуваат, па на телефонот може да се појави број што изгледа како да припаѓа на вистинска банка или институција. Жртвата се убедува дека мора веднаш да реагира за да ги „заштити“ парите.

3. „Безбедната сметка“ е всушност нивна

Тогаш доаѓа клучниот момент. Од жртвата може да биде побарано да ги префрли парите на друга, наводно безбедна сметка. Понекогаш измамниците бараат парите да се претворат во криптовалути или да се купат златни плочки.Но, „безбедната сметка“ не постои. Парите завршуваат кај измамниците.

Во некои случаи од жртвата се бара да инсталира и апликација што наводно треба да го забрза или обезбеди трансферот на парите. Наместо тоа, апликацијата може да им овозможи далечински пристап до уредот.

Така, човекот кој верува дека се обидува да ги спаси своите пари всушност им помага на измамниците да ги украдат.

Зошто овие измами се толку успешни?

Најважното оружје на измамниците не е технологијата, туку паниката. Тие создаваат чувство дека опасноста е непосредна и дека жртвата мора да реагира веднаш. „Некој ви ја хакира сметката“, „парите ќе исчезнат“, „не смеете да ја прекинете линијата“, ваквите пораки имаат една цел: жртвата да нема време да размисли и да провери дали навистина разговара со банка, полиција или техничка поддршка.

Токму затоа измамниците често се претставуваат и како државни институции или полиција.

Како да се заштитите?

Правилото е едноставно: не верувајте на ненадејни повици, пораки или нотификации што ве предупредуваат дека сте хакирани или дека парите ви се загрозени. Ако некој ве повика и тврди дека е од банка, прекинете го разговорот и самите јавете се во банката преку официјалниот број, од веб-страницата на банката или од задната страна на платежната картичка.

Не инсталирајте програми за далечински пристап затоа што тоа го бара непознато лице кое ве контактирало.

И најважно: ниту банка, ниту технолошка компанија, ниту полиција или друга легитимна институција ќе бара од вас да ги префрлите вашите заштеди на „безбедна сметка“, да купите криптовалути или злато за да ги заштитите парите. Ако некој ви го бара тоа, најверојатно станува збор за измама.

„Фантомски хакер“ не е исто што и „зомби-долг“

Постои и друг вид измама со кој се среќаваат граѓаните – таканаречени лажни или „зомби-долгови“. Во овој случај измамниците не се обидуваат директно да ја преземат банкарската сметка, туку ја убедуваат жртвата да плати долг кој всушност не постои, е веќе платен или е застарен.

Тие може да се претставуваат како агенции за наплата на долгови и да користат закани со тужби, апсење или други правни последици. Со развојот на вештачката интелигенција, ваквите измами стануваат уште поубедливи, бидејќи измамниците можат да креираат професионално напишани и локализирани пораки, вклучително и лажни правни известувања.

И тука принципот е ист: создавање страв и притисок за жртвата да плати пред да има време да провери што навистина се случува.

Запомнете ги овие три правила:

Не префрлајте пари по барање од лице што ненадејно ве контактирало. Не дозволувајте непознати лица далечински пристап до вашиот телефон или компјутер. Ако се сомневате дека нешто не е во ред, прекинете го разговорот и самите контактирајте ја банката или институцијата преку официјален канал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс