Осомничениот за тројното убиство во Даниловград се самоуби

Полициската потера по рускиот државјанин заврши во шумата над Херцег Нови, каде што бегалецот отвори оган кон специјалците пред да си го одземе животот.
Фото: Instagram/streliste_ceska_zbrojovka/Полициска управа на Црна Гора

Триесетгодишниот руски државјанин Михаил Шабуњин, осомничениот за тројното убиство во Даниловград, си го одзеде животот откако специјалните полициски сили го опколија во шума во близина на Херцег Нови. По интензивна потрага низ Црна Гора, бегалецот пукаше кон полициските службеници, по што пресуди сам на себе. Владата на Црна Гора прогласи дводневна жалост поради трагедијата што ја потресе земјата.

Крвавиот настан се случи во стрелиштето „Чешка зброевка“ кај Даниловград. Според полициските извештаи, Шабуњин прво пукал во инструкторот Петар Глобаревиќ, а потоа во просторијата за изнајмување оружје ги застрелал Момир Радоњиќ и најмладиот меѓу нив, Немања Капор.

Веднаш по убиствата, осомничениот побегнал со возило „Сеат кордоба“, сопственост на семејството на една од жртвите. Автомобилот набрзо бил пронајден напуштен во месноста Врањски Њиви, од каде што Шабуњин со такси стигнал до крајбрежниот град Херцег Нови.

Полицијата, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, успеа да го лоцира бегалецот на тешко пристапен терен над населбата Топла. Во акцијата беа вклучени припадници на Посебната и Специјалната единица на полицијата, регионалниот центар „Југ“, како и хеликоптер на Војската на Црна Гора.

Кога полициските службеници му се приближиле и го повикале да се предаде, Шабуњин отворил оган кон нив. Во престрелката нема повредени полицајци, а осомничениот непосредно потоа пукал во себе.

Поради трикратното убиство, црногорската Влада ги прогласи 1 и 2 септември за денови на жалост. Црногорскиот министер за внатрешни работи Данило Шарановиќ излезе на терен во Херцег Нови за време на финалната фаза од операцијата, додека надлежните органи продолжуваат со истрагата за мотивите зад овој настан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс