Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија препорачува пациентите кои примиле ботокс или филер внимателно да ги следат симптомите, откако беше откриено дека во Македонија бил аплициран фалсификуван ботокс.
„Слободен печат“ побарал препораки од Клиниката за тоа што треба да преземат пациентите кои биле третирани со фалсификати и на какви симптоми треба да внимаваат.
Од Клиниката велат дека пациентите треба да реагираат веднаш доколку почувствуваат или забележат промена што не одговара на нормалниот тек по апликација на невротоксин или филер.
„Препорака од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија е пациентите внимателно да ги следат симптомите и доколку почувствуваат или забележат каква било промена што не одговара на нормалниот тек по апликација на невротоксин или филер, веднаш да се јават кај својот лекар“, велат од Клиниката за пластична хирургија.
Случајот повторно го отвора прашањето за контролата на естетските третмани, потеклото на препаратите и безбедноста на пациентите. Надлежните институции веќе постапуваат по случајот со фалсификувани препарати, а препораката до граѓаните е да не ги игнорираат симптомите и навреме да побараат медицинска проценка.