Грција најави мерки за Евзони: Ќе се скрати ли конечно чекањето и хаосот на граница?

По долгите колони и доцнењата предизвикани од новиот ЕЕС систем, грчките власти најавија зајакнување на информатичките системи и привремени технички решенија за побрз проток на патници и возила.

Грција најавува пакет нови мерки за граничните премини Евзони и Кипи, откако новиот европски систем за влез и излез, познат како ЕЕС, донесе дополнителни задржувања, нервоза и долги колони. Прашањето за патниците од Македонија е едноставно: ќе значат ли овие мерки помалку чекање или повторно ќе останат само уште една административна најава пред сезоната?

Одлуката била донесена на работен состанок во Солун, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, надлежен за областите Македонија и Тракија, Константинос Гулекас. На состанокот учествувале претставници на надлежните институции, безбедносните служби и локалните власти, а фокусот бил ставен на граничните премини Кипи кон Турција и Евзони кон Македонија.

Биометријата ја успори границата

Гулекас посочил дека туристичкиот и трговскиот сообраќај кон Грција постојано расте, но дека европската директива за проверка на биометриските податоци на секое лице што влегува или излегува од земјата создава дополнителни доцнења при неопходните полициски контроли.

Токму ова е јадрото на проблемот на Евзони. Патниците повеќе не минуваат само низ класична проверка на документи, туку и низ систем кој бара внесување и проверка на биометриски податоци. Кога на тоа ќе се додадат викенди, празници, туристички бранови и стара инфраструктура, границата лесно се претвора во тесно грло.

Нови тимови излегуваат на терен

Според најавите од грчките власти, мерките ќе се пренесат веднаш на терен. За денеска се закажани посети на специјални тимови на граничните премини Евзони и Кипи, со цел да се разгледа непосредната примена на дополнителни решенија што биле дискутирани на состанокот.

Во тимовите ќе бидат вклучени претставници од Децентрализираната администрација Македонија – Тракија, од перифериите Централна Македонија и Источна Македонија – Тракија, од полицијата, царинските служби и надлежните општини.

Привремени решенија за постојан проблем

Новиот пакет мерки предвидува дополнително зајакнување на информатичките системи за побрзо спроведување на контролите, но и разгледување на можноста за изградба на привремени технички решенија што би го олесниле протокот на патници и возила.

Тоа значи дека Грција засега не зборува само за подобра организација на постојниот систем, туку и за физички и технички интервенции кои би требало да го намалат притисокот на премините. Но клучното прашање останува дали тие решенија ќе стигнат навреме, пред летниот шпиц, кога Евзони традиционално станува една од најнервозните точки за македонските патници кон Грција.

Поплаки стигнале и од Македонија и Србија

Грчкиот министер за заштита на граѓаните, Михалис Хрисохоидис, претходно од Халкидики изјави дека Грција мора да ја спроведува европската легислатива, бидејќи Европската комисија инсистира на целосна примена на ЕЕС системот.

Тој потврди дека за проблемите со новиот систем добил поплаки од негови колеги од Северна Македонија и Србија. Хрисохоидис објасни дека проблемот има два дела: самиот процес на биометриска регистрација и застарената грчка гранична инфраструктура.

За граѓаните, пак, сето тоа се сведува на една многу практична мака: часови во колона, жештина, нервоза и прашање дали патот до Грција ќе трае подолго од самиот план за одмор. Затоа новите мерки на Евзони ќе се мерат не според соопштенијата, туку според тоа дали рампите конечно ќе почнат да се движат побрзо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс