Европа вечерва гласа: стартува Евровизија 2026 во Виена

Со првото полуфинале вечерва официјално започнуува јубилејното 70. издание на Евровизија. Освен музичкиот спектакл, годинашниот натпревар е следен и од политички тензии, нови правила за гласање и повици за бојкот.

Европа вечерва повторно се обединува пред малите екрани. Во Виена започнува Евровизија 2026, а првото полуфинале носи настапи на 15 земји кои ќе се борат за место во големото финале закажано за 16 мај. 

Ова е јубилејно, 70. издание на најголемиот музички натпревар во Европа, кој годинава се одржува под мотото „United by Music“ („Обединети преку музиката“). Австрија е домаќин по победата на Џеј-Џеј со песната „Wasted Love“ минатата година, а натпреварите ќе се одржат во арената „Винер Штадхале“ во Виена. 

Во првата полуфинална вечер настапуваат 15 учесници, а само десет ќе обезбедат пласман во финалето. Освен публиката, годинава повторно ќе гласаат и националните жири-комисии, што организаторите го претставуваат како чекор кон поголема транспарентност и доверба во резултатите. 

Покрај музиката, Евровизија 2026 е обележана и со силни политички контроверзии. Неколку европски земји и групи најавија бојкот и протести поради учеството на Израел, а во Виена се засилени безбедносните мерки пред почетокот на шоуто. 

Медиумите во регионот јавуваат дека меѓу најследените настапи вечерва ќе бидат оние на Србија, Хрватска и Црна Гора, додека фаворити според обложувалниците се Шведска и Финска. 

Организаторите најавуваат и спектакуларна сценографија, специјални интервални настапи и гостувања на поранешни евровизиски ѕвезди како Верка Сердучка, Руслана и Александар Рибак.

Второто полуфинале ќе се одржи на 14 мај, а во финалето ќе настапат 25 земји – 20 квалификувани од полуфиналињата, домаќинот Австрија и автоматски пласираните членки од „големата петорка“. 

Иако Македонија повторно не учествува на Евровизија, интересот кај домашната публика останува огромен, особено на социјалните мрежи каде уште пред стартот се водат дебати за фаворитите, политиката и иднината на натпреварот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс