Вечерва започнува јубилејното 70. издание на Изборот за песна на Евровизија, со првото полуфинале во кое ќе настапат 15 земји. Годинашното издание се одржува во Виена, а големото финале е закажано за сабота.
Европската радиодифузна унија воведе нови правила за гласање, со цел поголема транспарентност и доверба во резултатите. Националните жирија од оваа година ќе имаат по седум членови наместо досегашните пет, а најмалку двајца од нив мора да бидат на возраст од 18 до 25 години. Проширен е и кругот на професии од кои може да се избираат членовите на жирито, меѓу кои музички новинари, критичари, професори, кореографи, сценски режисери и други професионалци од музичката индустрија.
Промени има и кај телефонското гласање. За да се намали можноста за манипулации, од еден телефонски број или една банкарска картичка ќе може да се гласа најмногу 10 пати, наместо досегашните 20. Сите членови на жирито, пак, мора да потпишат изјава дека ќе гласаат непристрасно и дека нема да се договараат со други членови или да споделуваат информации на социјалните мрежи.
Годинава на Евровизија учествуваат 35 земји, но натпреварот се одржува во сенка на политички тензии околу учеството на Израел. Шпанија, Ирска, Холандија, Словенија и Исланд го бојкотираат натпреварот поради војната во Газа и одлуката Израел да остане дел од Евровизија. Дел од нив нема да испратат претставници, а дел нема ни да го емитуваат натпреварот.
И покрај политичките притисоци, организаторите најавуваат големо јубилејно шоу, а Европската радиодифузна унија се обидува да ја зачува идејата на Евровизија како музички простор што ги поврзува земјите. Првото полуфинале ќе покаже кои земји ќе обезбедат место во финалето и дали новите правила ќе донесат поголема доверба во гласањето.