Европската централна банка (ЕЦБ) го започна процесот за целосно редизајнирање на евробанкнотите и претстави 10 финални предлози за изгледот на новата серија пари што треба да влезе во оптек во наредните години. Граѓаните ќе можат да го кажат своето мислење преку јавна консултација која ќе трае до 21 септември, а конечната одлука за дизајнот се очекува до крајот на годината.
Новите банкноти се избираат од две главни теми: „Европска култура“ и „Реки и птици“. Предлозите се избрани по европски конкурс на кој пристигнале повеќе од 1.200 апликации од графички дизајнери.
Европски великани на банкнотите
Доколку биде избрана темата „Европска култура“, на новите евра би можеле да се најдат некои од најзначајните личности во европската историја на уметноста, науката, музиката и литературата.
Предлогот предвидува: 5 евра – Марија Калас, легендарната грчко-американска оперска пејачка, 10 евра – Лудвиг ван Бетовен, германскиот композитор, 20 евра – Марија Кири, научничката и двојна добитничка на Нобеловата награда, 50 евра – Мигел де Сервантес, авторот на „Дон Кихот“, 100 евра – Леонардо да Винчи, уметник и пронаоѓач, 200 евра – Берта фон Зутнер, добитничка на Нобеловата награда за мир.
Реки и птици – природата на Европа на банкнотите
Втората тема е посветена на природното богатство на континентот. Концептот „Реки и птици“ има цел да ја прикаже биолошката разновидност на Европа и поврзаноста на природните простори без оглед на државните граници.
Според овој предлог, секоја банкнота би прикажувала различен вид европска птица во комбинација со речен пејзаж, додека на задната страна би биле претставени главните институции на Европската Унија.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, изјави дека евробанкнотите имаат значење што надминува обично платежно средство.
„Евробанкнотите се повеќе од средство за плаќање – тие се еден од најреалните изрази на Европа. Со дизајн што ги комбинира убавината и значењето, тие ќе го зајакнат нашиот заеднички идентитет“, порача Лагард.
Покрај јавната анкета, ЕЦБ ќе спроведе и истражување меѓу репрезентативен примерок граѓани од еврозоната. Резултатите ќе бидат земени предвид при конечниот избор што ќе го направи Управниот совет на банката. По изборот на победничкиот дизајн ќе следуваат дополнителни тестирања, развој на заштитните елементи и подготовка за производство.
Новата серија ќе биде првото целосно редизајнирање на евробанкнотите од нивното воведување во 2002 година. ЕЦБ најавува дека новите банкноти ќе имаат подобрена заштита од фалсификување, поголема достапност за лицата со оштетен вид и помал еколошки отпечаток.
Старите банкноти нема да престанат веднаш да важат – тие ќе останат во употреба и ќе циркулираат паралелно со новата серија.