Новиот дигитален систем за контрола на границите на Европската Унија – Entry Exit System (EES) – предизвика сериозни застои на дел од европските аеродроми, а патниците се соочуваат со подолги редици и чекања при влез и излез од Шенген-зоната. Директорот на главниот аеродром во Рим изјави дека системот речиси го тројно зголемил времето потребно за пасошка контрола за британските патници, и покрај направените подобрувања.
Од 7 на 20 минути за една контрола
На аеродромот Фјумичино во Рим, времето што им е потребно на британските државјани за минување низ границата се зголемило од околу 7 на 20 минути. Иван Басато, директор за авио-сообраќај на аеродромот, призна дека системот донел подобрувања по интеграцијата со електронските пасошки капии, но процесот сè уште не е на нивото што било пред воведувањето на ЕЕС.
„Сè уште не го достигнавме истиот квалитет на процесот што го имавме пред воведувањето на системот“, изјави тој.
Според него, неприфатливо е патниците да чекаат еден или два часа по слетувањето.
Патници пропуштаат превоз поради редици
Некои туристи за BBC раскажале дека чекале долго време на пасошка контрола.
Патник од Велика Британија изјавил дека со семејството чекале околу два часа од моментот кога излегле од авионот до завршувањето на контролата. Друг патник од САД рекол дека чекале околу еден час, поради што го пропуштиле однапред резервираниот превоз.
Проблеми биле пријавени и на други европски аеродроми, вклучително и во Барселона и Фаро, каде дел од автоматизираните уреди не функционирале правилно.
Што е EES системот?
Системот Entry Exit System (EES) е нова дигитална гранична процедура на Европската Унија за државјани на земји надвор од ЕУ кои влегуваат во Шенген-зоната. Наместо само проверка на пасош, патниците треба да регистрираат: отпечатоци од прсти, фотографија, податоци за влез и излез.
Регистрацијата најчесто се врши преку специјални автоматизирани уреди – „киосци“, а во одредени случаи со помош на гранични службеници.
Авиокомпаниите предупредуваат на дополнително чекање
Авиокомпанијата Ryanair веќе ги предупреди патниците дека воведувањето на EES предизвикува дополнителни доцнења и им препорача да пристигнуваат порано на аеродромите.
Компанијата побара патниците да планираат дополнително време за патување, особено во периоди со голем број летови.
ЕУ признава дека има проблеми
Европската комисија соопшти дека проблемите на повеќето аеродроми се ограничени и дека ќе продолжи да им помага на земјите членки во спроведувањето на системот.
Сепак, аеродромите и авиокомпаниите бараат поголема флексибилност, вклучително и можност привремено да се стопира примената на системот во периоди со екстремно голем број патници.
Досега само Шведска и Португалија ја користат апликацијата на ЕУ за претходна регистрација на патници, која би можела да го забрза процесот.
Технички проблеми дополнително го забавуваат процесот
Португалските власти предупредија дека дел од проблемите се поврзани со технологијата. На аеродромот во Фаро, надлежните велат дека редот кој порано траел околу 10 минути, сега понекогаш трае повеќе од 30 минути.
Причината се технички проблеми со серверите на ЕУ, бидејќи системите се меѓусебно поврзани меѓу државите. Иако проблемите се поретки отколку во почетната фаза, европските аеродроми предупредуваат дека без дополнителни подобрувања, летната сезона може да донесе нови долги редици и незадоволство кај патниците.