ЕУ гласаше за построга контрола на енергетските пијалаци, никотинот и брзата храна

Кардиоваскуларните болести одземаат 1,7 милиони животи годишно во Унијата, па европратениците бараат превенција пред луѓето да станат пациенти.

Европскиот парламент усвои извештај за кардиоваскуларните болести со кој бара построга контрола на производите штетни по здравјето, засилена превенција и порано откривање на срцевите заболувања. Извештајот, подготвен од хрватската европратеничка Романа Јерковиќ, доби поддршка од 545 пратеници, додека 47 гласаа против. Документот поставува основа за нова европска стратегија против болестите кои се водечка причина за смртност на континентот.

Болестите на срцето и крвните садови годишно одземаат околу 1,7 милиони животи во Европската Унија. Покрај човечките загуби, извештајот пресметува дека нивниот економски товар врз здравствените системи и економијата достигнува 282 милијарди евра секоја година.

„Ова е важен чекор кон силна европска политика за превенција, рано откривање и лекување на болестите на срцето и крвниот систем, кои се водечка причина за смрт во Европа и во Хрватска“, изјави Јерковиќ по гласањето.

Таа нагласи дека одговорноста не смее да се префрла единствено врз поединците. Според неа, превенцијата не смее да се сведе само на пораки до граѓаните помалку да пушат, помалку да пијат и поздраво да се хранат, додека истовремено се изложени на агресивен маркетинг.

Извештајот бара заштитата на потрошувачите да се вгради во прописите за нелојална деловна практика, особено за заштита на децата и младите. Меѓу клучните барања се задолжително означување на хранливите вредности на предната страна од амбалажата и регулација на начинот на кој нездравата храна се пласира на пазарот.

За новите тутунски и никотински производи, како што се електронските цигари, загреаниот тутун и никотинските кесички, Европарламентот бара задолжителна проценка на нивното здравствено влијание пред да добијат дозвола за продажба.

Документот содржи и барање за анализа на ефектите од енергетските пијалаци врз срцето кај децата и адолесцентите, како и продолжување на мерките за контрола на алкохолот. Дополнително, земјите членки се повикуваат целосно да ја спроведат забраната за пушење во затворени јавни простори и на работните места, но и да ја прошират на отворени површини каде што престојуваат деца, вклучително и училишните дворови и игралишта.

Значаен дел од извештајот се фокусира на разликите во кардиоваскуларните заболувања меѓу жените и мажите. Јерковиќ укажа дека симптомите на срцев удар кај жените често се разликуваат од оние кај мажите, поради што болеста кај нив подоцна се дијагностицира.

Парламентот бара во проценката на кардиоваскуларниот ризик кај жените задолжително да се земаат предвид фактори како раната менопауза, оралната контрацепција, синдромот на полицистични јајници, ендометриозата, гестацискиот дијабетес и хипертензијата во бременоста. Извештајот апелира и за поголема примена на дигиталните технологии и дополнителни научни истражувања за навремено дијагностицирање на овие состојби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс