Европската автоиндустрија бара спас во воените буџети и наменските возила

Поради падот на цивилното производство, производителите преку нови конзорциуми влегуваат во трка за договори вредни милијарди евра.

Европските фабрики за автомобили се обидуваат да го надоместат падот на цивилното производство со свртување кон воениот сектор, поттикнати од зголемувањето на одбранбените буџети на европските држави. Американскиот производител Форд веќе претстави прототип на специјално теренско возило изработено во погоните во Дагенхам, Велика Британија. Со овој чекор фабриката, чие производство на мотори се преполови во изминатата деценија, се обидува да обезбеди опстанок за две илјади работници.

Новото теренско возило се базира врз моделот „ренџер“ и може да превезува две тони товар или да влече до четири тони опрема. Зад проектот стои конзорциум во кој Форд настапува заедно со одбранбените компании Џенерал дајнамикс и Рикардо.

Нивната цел е да добијат договор со британското Министерство за одбрана за испорака на 9.000 возила во следните пет до седум години. Овие единици треба целосно да ја заменат застарената британска воена флота која децении наназад се потпира на моделите на Ленд ровер.

Фабриката во Дагенхам во последните десет години забележа двоен пад на производството. Бројот на склопени дизел мотори се спушти на 45.000 годишно, наспроти некогашните 90.000 единици.

Раководството на компанијата проценува дека ангажманот во одбраната е најбрзиот начин да се исполнат испразнетите индустриски капацитети. Претседателката на Форд за Велика Британија, Лиса Бранкин, изјави дека фабриката мора да го искористи секој простор за работа што го отвора новата пазарна реалност.

Пренасочувањето кон воениот сектор доаѓа во момент кога европските производители губат чекор на пазарот за електрични возила поради евтината конкуренција од Кина и намалената субвенционирана побарувачка.

Оваа индустриска промена носи директни импликации и за добавувачките синџири во Југоисточна Европа, каде што фабриките за автоделови во Македонија и регионот се врзани за западноевропските автомобилски гиганти. Ако европските капацитети за патнички возила продолжат да затвораат линии, само добавувачите што можат да ги прилагодат своите стандарди на воената индустрија ќе останат во плановите за набавка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс