Скопје од 4 до 7 јуни ќе биде центар на европската минибаскет сцена. Кошаркарската федерација на Македонија, во партнерство со ФИБА Европа и Фондацијата ФИБА, ќе биде домаќин на 11. издание на Европската конвенција за минибаскет.
Настанот ќе обедини тренери, едукатори и спортски работници од повеќе европски земји, кои работат со најмладите кошаркари и кошаркарки.
Целта на конвенцијата е преку размена на искуства, современи методологии и практични примери да се унапреди работата со децата и да се поттикне нивниот правилен спортски развој.
Во текот на четирите дена ќе бидат организирани предавања, работилници и практични демонстрации под водство на реномирани меѓународни експерти. Учесниците ќе имаат можност да стекнат нови знаења и алатки за подобро воведување на најмладите во кошарката, како и за промовирање здрави животни навики и спортски вредности.
Практичниот дел од програмата ќе се реализира во спортската сала „Лазар Лечиќ“, додека завршницата ќе биде одбележана со голем минибаскет фестивал на Кејот на Вардар.
На фестивалот се очекува учество на повеќе од 300 деца и околу 90 тренери, кои преку дружење, игра и спортски активности ќе ја прослават љубовта кон кошарката.
Конвенцијата претставува уште едно признание за македонската кошарка и потврда за посветеноста кон развојот на младите категории. Воедно, таа е можност Македонија да покаже дека вложува во основата на спортот — децата, нивниот правилен развој и создавањето нови генерации кошаркари и кошаркарки.