Европа се вооружува како никогаш од Студената војна: Кои земји трошат најмногу, а каде е Македонија/регионот во споредба?

Воените трошоци во Европа достигнаа рекордно ниво од Студената војна. Полска и балтичките држави предводат, додека повеќето западни земји остануваат блиску до минимумот од 2% БДП.

Воените буџети на европските членки на НАТО достигнаа највисоко ниво од крајот на Студената војна. Податоците покажуваат дека земјите што се поблиску до Русија најбрзо ги зголемуваат трошоците, додека поголем дел од западна и јужна Европа сè уште се движи околу минималните НАТО-цели. Според анализи базирани на податоци од SIPRI и објави на Euronews, европските членки на НАТО во 2025 година ги зголемиле трошоците за одбрана за околу 14%, достигнувајќи приближно 739 милијарди евра. За прв пат, сите членки на Европската унија што се дел од NATO го исполниле прагот од 2% од БДП за одбрана.

Истокот на Европа доминира во трошењето

Највисоко на листата се наоѓа Полска, која издвојува речиси 4,5% од БДП за одбрана. По неа следуваат: Литванија – околу 4%, Латвија – околу 3,7% и Естонија – над 3%. Трендот е јасен, земјите на источниот крил на НАТО, најблиску до Русија, најбрзо ја зголемуваат воената потрошувачка.

Во следната група се нордиските земји. Финска, Шведска и Данска значително ги зголемија буџетите по влезот во НАТО, додека Грција останува меѓу повисоките во Европа поради долгорочни регионални безбедносни тензии.

Западна и јужна Европа: блиску до минимумот

Голем дел од земјите во ЕУ се движат околу границата од 2% БДП: Италија, Франција, Шпанија, Белгија, Португалија, Чешка, Луксембург. Тие формално го исполнуваат НАТО-стандардот, но остануваат далеку од новите амбиции за зголемена одбрана.

Земји како Словенија, Хрватска, Словачка, Бугарија и Унгарија се исто така на или малку над прагот, без значајни скокови во буџетите. На последниот самит, членките на НАТО поставија нов, многу поамбициозен план: до 2035 година издвојување до 5% од БДП за одбрана, од кои најмалку 3,5% за воени капацитети. Но реалноста е дека просекот во 2025 година изнесува околу 2,76%, што покажува голем јаз меѓу плановите и сегашните можности.

Еден од клучните проблеми не е само колку се троши, туку каде завршуваат парите. Анализите покажуваат дека околу 40% од набавките за воена опрема одат кај компании надвор од Европската унија. Тоа значи дека голем дел од европските буџети завршуваат кај производители на напредни системи како: ракети со долг дострел, противвоздушна одбрана, борбени авиони од нова генерација и дронови и системи со вештачка интелигенција.

Европа помеѓу безбедност и индустриска зависност

Иако трошоците растат, дел од зголемувањето се должи и на сметководствени промени и долгорочни договори, а не секогаш на реално зголемување на воените капацитети. Економистите од Oxford Economics предупредуваат дека Европа останува зависна од увоз на клучни технологии, што ја ограничува нејзината стратешка автономија.

Европа влегува во нова фаза на вооружување, но со длабоки разлики меѓу исток и запад. Додека дел од земјите веќе се приближуваат до новите цели на НАТО, најголем дел сè уште се на минимални издвојувања – а значаен дел од парите завршува надвор од ЕУ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс