Европа се подготвува за новите безбедносни закани: Зошто одбраната зависи и од граѓаните, а не само од армиите?

Саботажи, кибернапади, сомнителни активности со дронови и дезинформации сè почесто ја тестираат отпорноста на европските општества. ЕУ повикува на заедничка култура на подготвеност во која, покрај државите и вооружените сили, важна улога имаат и граѓаните.

Европската безбедност најчесто се поврзува со армиите, оружјето и заштитата на државните граници. Сето тоа останува неопходно, а владите и вооружените сили и понатаму имаат примарна одговорност за одбраната на државите. Но, природата на заканите се менува, па затоа и самите општества стануваат дел од безбедносната равенка.

Војната во Украина покажа дека голем вооружен конфликт повторно е реалност во Европа. Но, притисокот врз европските држави не се ограничува на конвенционалното војување. Тој вклучува кибернапади, саботажи, напади врз критичната инфраструктура, инциденти со дронови на територијата на Европската Унија, странски кампањи за манипулирање со информациите, како и користење криминални мрежи и економски зависности за остварување стратешки цели.

Според истражување на организацијата АЦЛЕД, сомнителните активности во Европа што ѝ се припишуваат на Русија се вклопуваат во образец на операции со кои се тестира поддршката за Украина, без да се премине прагот на отворен воен судир.

Во периодот од јануари 2022 до април 2025 година, АЦЛЕД регистрирала 190 вакви инциденти низ Европа. Меѓу нив имало 59 прелетувања на дронови, 45 акти на саботажа, 15 случаи на шпионажа, 13 случаи на вандализам, 12 подметнувања пожари и шест кибернапади.

Најголем број регистрирани инциденти имало во Германија – 39, по што следуваат Норвешка со 19, Финска со 17 и Полска со 16. Организацијата наведува и дека повеќе од половина од сомнителните настани од февруари 2022 година се случиле во 2024 година. Околу 35 отсто од нив биле саботажи, а 27 отсто неовластени прелетувања на дронови.

Сличен образец документираат и тинк-тенкот ГЛОБСЕК и Меѓународниот центар за борба против тероризмот. Нивните истражувања укажуваат на употреба на криминални актери и таканаречени „еднократни агенти“ за саботажи и подметнување пожари низ Европа. Во ажурираната база се наведени 151 познат случај во периодот од февруари 2022 до февруари 2026 година, вклучувајќи 41 нов инцидент во однос на претходниот извештај.

Кога мета станува секојдневниот живот

Многу од овие активности не ги напаѓаат државите во традиционална воена смисла. Тие ги погодуваат системите од кои зависат секојдневните животи на граѓаните: снабдувањето со електрична енергија, комуникациите, транспортот, локалните администрации, информацискиот простор и довербата меѓу луѓето.

Оштетен кабел, хакиран општински систем или лажна информација што брзо се шири на интернет можеби не изгледаат како војна во класична смисла. Сепак, секој од овие настани може да ја поткопа довербата во институциите, да ги продлабочи општествените поделби и да го отежне функционирањето на демократските општества во услови на криза.

Затоа европската безбедносна агенда не може да се сведе само на армиите. Таа мора да ја опфати и способноста на граѓаните и заедниците да останат смирени, информирани и функционални кога ќе дојде до прекин или нарушување на секојдневниот живот.

Според податоците од Евробарометарот за 2025 година, 81 отсто од граѓаните на ЕУ поддржуваат заедничка одбранбена и безбедносна политика на земјите членки – највисок резултат од 2004 година. Истовремено, 78 отсто се загрижени за безбедносните и одбранбените капацитети на Унијата.

Европската Унија ја препознава важноста на граѓаните и локалните заедници во справувањето со кризи и безбедносни предизвици. Стратегијата за Унија на подготвеност, започната во 2025 година, повикува на пристап што ги опфаќа сите видови ризици и го вклучува целото општество. Меѓу препораките е граѓаните да имаат основни залихи за најмалку 72 часа во случај на вонредна состојба.

Тоа не е повик за паника, туку признание дека отпорноста на општеството не може да се гради само од централната власт.

Граѓаните не можат да запрат ракети, да ги заменат разузнавачките служби, да ги заштитуваат подводните кабли или да го бранат воздушниот простор. Но, можат да избегнат да станат дел од нарушувањето.

Ако некој шири лажна информација, важно е како ќе реагираме: дали ќе ја споделиме без проверка, ќе побараме веродостоен извор или ќе ја засилиме вознемиреноста затоа што информацијата се совпаѓа со нашите веќе постојни ставови?

Ако саботажа предизвика прекин на електричната енергија, мобилните мрежи или електронските плаќања, значење има и подготвеноста на домаќинствата. Дали имаат вода, батериска ламба, готовина, надворешна батерија за телефон и договорен начин за контакт со членовите на семејството?

Паниката, недовербата и неможноста за реакција се слабости. Смиреноста, практичните знаења и соработката се предности.

Одговорноста не смее да се префрли од државата врз граѓаните

Поголемото вклучување на граѓаните во безбедносните подготовки не значи милитаризација на општеството, ниту ослободување на државата од нејзините обврски.

Владите и понатаму се должни да ги штитат граѓаните, да инвестираат во одбраната, да ја обезбедуваат критичната инфраструктура и да комуницираат искрено со јавноста. Но, и граѓаните имаат своја улога, бидејќи многу хибридни напади се насочени токму кон нив – преку страв, конфузија, секојдневни непријатности и недоверба.

Објаснувањето на оваа одговорност не е едноставно. Во децениите по Студената војна, многу Европејци се навикнаа на мир и на идејата дека безбедноста е услуга што ја обезбедува државата. Граѓаните гласаат, плаќаат даноци и очекуваат професионалните служби да се погрижат за останатото. Таквото очекување е разбирливо, но денес веќе не е доволно.

Од друга страна, владите и експертите со право внимаваат да не шират страв. Претерано алармистичкиот јазик може да ги парализира луѓето наместо да ги подготви. Но, ниту молчењето е неутрално.

Граѓаните веќе слушаат за саботажи, кибернапади, дронови и војна преку социјалните мрежи, телевизијата и секојдневните разговори. Ако институциите во кои имаат доверба не објаснат што значат овие закани и што реално можат да направат луѓето, стравот полесно може да биде искористен за манипулација.

Како Европа може да се заштити однатре?

На Европа ѝ е потребен појасен и попрактичен јазик на подготвеност: искрен, но не драматичен; конкретен, но не милитаристички; охрабрувачки, без да се создава впечаток дека граѓаните можат да ја заменат државата.

Подготвеноста треба да се разбира како дел од граѓанската одговорност, а не како параноја. Тоа значи информациите да бидат поврзани со конкретни постапки.

Прекин на електричната енергија, кибернапад или кампања со дезинформации може да го нарушат секојдневниот живот. Но, едноставните мерки можат да ја намалат ранливоста: план за контакт меѓу членовите на семејството, основни залихи за два до три дена, проверени извори на информации, јасни процедури во училиштата и на работните места, соседска поддршка и навика да се проверуваат информациите пред да се споделат.

Ваквите практики веќе се применуваат во неколку европски земји.

Финска и Данска ја промовираат подготовката на домаќинствата за најмалку 72 часа. Шведска објавува водичи за граѓаните за тоа како да се подготват и да постапат во случај на криза или војна. Во Чешка, училиштата спроведуваат програми за броевите за итни случаи, опасните ситуации и сигналите на сирените. Локални иницијативи во Брисел и Франција ги поврзуваат граѓаните со волонтерски активности за одговор на кризи и цивилна заштита.

Целта на овие мерки е општата загриженост да се претвори во конкретни чекори што луѓето можат да ги преземат.

Тука се отвора и прашањето за европскиот начин на живот. Овој израз често се користи за да се опишат правата, вредностите и институциите на Европа. Но, тие зависат и од општествената инфраструктура: довербата, плурализмот, веродостојните информации, функционалните локални институции и способноста на граѓаните да не се согласуваат меѓусебно без да се третираат како непријатели.

Заштитата на Европа, според тоа, не значи само одбрана на нејзината територија. Таа подразбира и заштита на условите што овозможуваат демократскиот живот да продолжи да функционира дури и под притисок.

На Европа ѝ е потребен нов општествен договор за безбедност

Новата безбедносна политика не треба да ја замени одговорноста на националните држави, туку да ја поврзе преку заеднички стандарди, резерви, заеднички вежби и посилна култура на подготвеност во целото општество.

ЕУ веќе се движи во таа насока преку Стратегијата за Унија на подготвеност, Механизмот на Унијата за цивилна заштита, стратешките резерви на „РесЕУ“, иницијативите за складирање залихи и новите активности за образование за подготвеност.

„РесЕУ“ вклучува резерви финансирани од ЕУ, меѓу кои и авиони за гаснење пожари, евакуација и медицинска помош.

Овие иницијативи укажуваат на поширок модел на безбедност, кој ја поврзува воената одбрана со цивилната подготвеност, соработката, здружувањето ресурси, отпорноста на институциите и демократското образование.

Зашто општество што може да продолжи да функционира и во услови на сериозни нарушувања е потешко да се заплаши, подели или принуди да отстапи од своите вредности.


Текстот е адаптиран според анализа објавена во „Конверзејшн“ од Моника Сус, професорка на Институтот за политички науки при Полската академија на науките и вонредна професорка во Центарот „Роберт Шуман“ при Европскиот универзитетски институт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс