Европа сака да има поголема контрола врз сопствената дигитална инфраструктура и да не зависи од серверите и компјутерската моќ концентрирани во САД. Но дигиталниот суверенитет има многу физичка цена: дата-центрите трошат огромни количества електрична енергија и вода, а во делови од Европа веќе се организираат протести против нивната изградба.
Со дата-центрите се случува нешто слично како со термоелектраните или ветерните паркови: луѓето сакаат да ги користат услугите што ги овозможуваат, но многу помалку сакаат такво постројување да имаат во непосредна близина.
Токму затоа, додека Европа ја забрзува изградбата на дата-центри за да ја намали зависноста од инфраструктурата во САД и да создаде сопствена база за развој на вештачката интелигенција, расте и отпорот кон нив.
Цената на дигиталниот суверенитет не се мери само во милијарди евра. Се мери и во мегавати и литри вода.
Колку вода „пие“ еден дата-центар?
Потрошувачката на вода е еден од најголемите проблеми, особено во периоди на суша и високи температури.
Како илустрација, еден дата-центар на компанијата CoreSite во близина на Денвер, Колорадо, при целосно оптоварување може дневно да испарува околу три милиони литри вода. Тоа е количина споредлива со дневната потрошувачка на вода на околу 21.000 луѓе во Европа.
Во Германија, според податоците од регистарот на Сојузното министерство за економија, на секој потрошен киловат-час електрична енергија во дата-центрите во просек се троши меѓу 0,4 и 4,4 литри вода. Таа вода се користи за ладење на опремата, при што дел испарува, а дел се враќа загреан во водните текови.
Проблемот станува уште поочигледен во периоди на суша. Европа неодамна помина низ најтоплото лето досега, а во некои региони ограничувањата на водата веќе ги погодија домаќинствата, земјоделството, па дури и работењето на нуклеарни електрани.
И струјата станува голем проблем
Дата-центрите не трошат само вода. Тие се и огромни потрошувачи на електрична енергија. Финскиот оператор на електроенергетската мрежа „Фингрид“ проценува дека потрошувачката на електрична енергија во Финска би можела да порасне за речиси 40 отсто во однос на 2025 година доколку се реализираат сите моментално одобрени нови приклучоци за дата-центри.
Колку е голема потрошувачката зависи од големината и искористеноста на центарот. Затоа индустријата често ја изразува големината преку максималната моќност на приклучокот, односно во киловати или мегавати.
За споредба, германската „Шварц група“, сопственик на „Лидл“, гради дата-центар во близина на Берлин со приклучна моќност од 200 мегавати. Уште поголеми се плановите на „Гугл“ во француското село Етреш. Проектот би имал приклучна моќност од 800 мегавати до 1,1 гигавати – при целосен капацитет, приближно колку производството на една нуклеарна електрана.
Протести од Австрија до Ирска
Со ширењето на дата-центрите расте и локалниот отпор. Во австрискиот град Линц неколку стотици луѓе протестираа против изградбата на голем дата-центар во блискиот Кроншторф. Во Ирска, плановите за дата-центар во малото место Килава предизвикаа долготрајни протести. Меѓу противниците беше и писателката Сали Руни. Ирските власти на крајот ја повлекоа дозволата за проектот, повикувајќи се на климатските цели на земјата.
Во Франција отпорот доби и политичка последица. По плановите за големиот „Гугл“ проект во Етреш, оставки поднесоа новоизбраната градоначалничка Флоранс Лоран, тројца заменици-градоначалници и една советничка. Лоран изјавила дека се чувствува немоќно пред плановите за проектот во нејзината општина.
Дата-центрите се шират и надвор од големите градови
Досега најголемите европски дата-центри главно се концентрираа околу големите интернет-чворишта – Франкфурт, Лондон, Амстердам, Париз и Даблин. Индустријата за оваа група градови ја користи кратенката FLAP-D. Но, според анализата на инвестициската групација „Си-Би-Ар-И“, трендот почнува да се менува.
Во вториот квартал од 2026 година, 55 отсто од новодоговорениот капацитет на дата-центрите се однесувал на локации надвор од традиционалниот FLAP-D појас, меѓу кои Гронинген во Холандија, Брисел и Барселона. Тоа значи дека сè повеќе мали градови и рурални средини стануваат дел од европската битка за дигитална инфраструктура.
Европа сега сака да мери колку точно чинат
Европската комисија најави нов начин на прикажување на потрошувачката на вода и енергија. Дата-центрите со моќност поголема од 500 киловати ќе добиваат ознака што ќе ја зема предвид и нивната енергетска ефикасност – вклучително и користењето затворени системи за ладење и повторната употреба на отпадната топлина.
„Ако ги зголемиме нашите компјутерски капацитети за трипати, тоа не смее да значи дека трипати ќе го зголемиме и притисокот врз електроенергетските мрежи, снабдувањето со вода и сметките за енергија“, изјави потпретседателката на Европската комисија, Тереза Рибера.
Но, не мора секој дата-центар да биде еколошки кошмар
Постојат и технологии со кои дел од влијанието може да се намали. Во близина на Марсеј се гради АИ дата-центар со затворен систем за циркулација на вода за ладење. Според плановите, со таквиот систем потрошувачката на енергија потребна за ладење би требало да се намали за околу 30 отсто.
Во Скандинавија, но и во Даблин, Франкфурт и Берлин, некои дата-центри ја користат отпадната топлина од серверите за загревање домови преку системите за централно греење. Така, наместо топлината едноставно да се испушта во околината, таа се користи за загревање на стотици домаќинства.
Истражување на германската енергетска компанија „Еон“ покажало дека речиси три четвртини од граѓаните би биле посклони да прифатат дата-центар во близина на станбена населба доколку неговата отпадна топлина се користи за централно греење. Некои дата-центри користат и големи батериски системи. Во Шведска и Ирска, „Мајкрософт“ има постројки со батерии кои служат како резервно напојување, но можат да придонесат и за стабилизација на електроенергетската мрежа.
Дигитален суверенитет со физичка цена
Европа сака сопствена инфраструктура за податоци, АИ и дигитални услуги. Но, серверите не постојат во облак – тие стојат во огромни физички објекти што бараат струја, вода, земјиште и моќна мрежна инфраструктура. Затоа европската дебата за дигиталниот суверенитет сè повеќе станува и дебата за тоа кој ја плаќа неговата физичка цена. Прашањето веќе не е само дали Европа сака свои дата-центри.
Туку каде ќе ги гради, колку ресурси ќе трошат и што ќе им дадат назад на заедниците во кои ќе бидат изградени.