Европската Унија влегува во нова економска зона на ризик, во која високите цени на енергијата, индустриското преструктурирање и зелената транзиција може да донесат сериозен удар врз пазарот на труд. Европската комисија предупредува дека само енергетските притисоци во 2026 година може да загрозат околу 560.000 работни места.
Предупредувањето е дел од Пролетниот пакет на Европскиот семестар, преку кој Комисијата ги оценува економските и социјалните предизвици во земјите членки. Најизложени се секторите што најмногу зависат од енергија и суровини, меѓу кои градежништвото, металургијата, хемиската индустрија и транспортот.
Комисијата ја ревидира и прогнозата за невработеноста. Наместо претходно очекуваните 5,9 отсто во 2026 и 5,8 отсто во 2027 година, сега се проценува дека невработеноста во ЕУ во двете години ќе достигне 6 отсто. Истовремено, се очекува и зголемување на задолжувањето на владите, бидејќи јавните буџети ќе бидат под поголем притисок.
Особено чувствителна останува автомобилската индустрија, каде што се проценува дека под ризик се околу 600.000 работни места поради преминот од мотори со внатрешно согорување кон електрични возила и силната конкуренција од Кина. Во индустријата за батерии се загрозени околу 85.000 работни места, додека производството на соларни панели се соочува со притисоци што влијаат врз речиси 59.000 работни места.
Во Брисел сè повеќе се отвора прашањето дали Европа го губи чекорот во стратешките индустрии во однос на Кина и САД. Комисијата порачува дека конкурентноста на ЕУ нема да зависи само од технологија и капитал, туку и од луѓето, нивните вештини, преквалификацијата и квалитетот на работните места.