Европа предупредува на недостиг на гориво, Македонија смирува: „Резервите се стабилни, нема место за паника“

Европа предупредува на можен недостиг на гориво, но македонските власти тврдат дека резервите се стабилни и нема ризик за граѓаните и бизнисите.

Додека во Европа расте загриженоста за можен недостиг на дизел и керозин во наредниот период, македонските власти уверуваат дека состојбата во земјава е стабилна и дека нема причина за паника.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати, вклучувајќи дизел, бензин и керозин, во моментов е во „исклучително добра состојба“. Тој нагласи дека државата е во постојана координација со снабдувачите и дека има доволно количини и во државните резерви и преку нафтоводот што го поврзува Солунското пристаниште со рафинеријата ОКТА.

„Не гледаме никакви предизвици во ланецот на снабдување, ниту опасност за граѓаните и бизнисите“, порача Мицкоски, додавајќи дека Владата е подготвена да реагира со нова стратегија доколку ситуацијата се промени.

Од Регулаторната комисија за енергетика исто така потврдуваат дека снабдувањето се одвива непречено и дека досега ниту еден трговец не пријавил проблеми. Според законската регулатива, трговците со гориво се должни да одржуваат оперативни резерви, кои можат да се користат во случај на прекин во снабдувањето или технички проблеми, со обврска да се обноват во пропишан рок.

Во меѓувреме, од Европа пристигнуваат предупредувања за можни проблеми. Австрискиот министер за енергетика Волфганг Хатмансдорфер изјави дека поради конфликтот во Иран, континентот би можел да се соочи со недостиг од околу 5% дизел и 15% керозин, поради намалени испораки.

Дополнително, директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, предупреди дека Европа располага со резерви на авио-гориво доволни за околу шест недели. Податоците покажуваат дека зависноста од Блискиот Исток останува висока, при што околу 75% од увозот на керозин доаѓа од овој регион. И покрај ваквите сигнали од меѓународната сцена, домашните институции уверуваат дека ситуацијата во Македонија е под контрола и дека засега нема ризик од недостиг на гориво.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни