Европа на работ на авио-колапс: гориво има за уште шест недели, предупредува IEA

Блокадата на Ормускиот теснец и војната со Иран ја туркаат Европа кон енергетска и транспортна криза со глобални последици.

Европа влегува во опасна фаза на енергетска неизвесност. Според предупредувањето на директорот на Меѓународната агенција за енергија, Фатих Бирол, резервите на авионско гориво на континентот би можеле да траат „најмногу уште шест недели“.

Ова сценарио, кое до неодамна звучеше како хипотетичко, сега станува реална закана, со директни последици врз воздушниот сообраќај, економијата и секојдневието на милиони граѓани. Во срцето на кризата е Ормускиот теснец,еден од најважните енергетски коридори во светот. Блокадата поврзана со конфликтот со Иран го прекина протокот на нафта, гас и деривати, создавајќи домино-ефект низ глобалните пазари.

Бирол ситуацијата ја опишува како „најголемата енергетска криза досега“, предупредувајќи дека последиците нема да се ограничат само на енергетскиот сектор

Прв удар: авионскиот сообраќај

Еден од најбрзите и највидливи ефекти ќе биде во авио-индустријата. Недостигот на млазно гориво може да доведе до откажување на летови меѓу европските градови, намалување на фреквенцијата на летови и раст на цените на авионските билети.

„Многу скоро ќе гледаме откажувања на летови поради недостиг на гориво“, предупредува Бирол.

Енергетска криза со глобални последици

Иако најсилно ќе бидат погодени земјите во Азија, Африка и Латинска Америка, кризата нема да ја заобиколи ниту Европа.

Растот на цените на горивата, природниот гас и електричната енергија, ќе предизвика инфлациски притисок и забавување на економскиот раст.

„Ниту една земја не е имуна“, потенцира Бирол.

Дополнителна загриженост предизвикува одлуката на Иран да наплаќа премин за бродови низ Ормускиот теснец. Ова, според експертите, може да отвори врата за слични практики и во други стратешки точки, како Малачкиот теснец, што би ја променило глобалната трговија на долг рок.

Долг и тежок пат до закрепнување

Дури и ако конфликтот се смири, последиците ќе се чувствуваат со години. Во меѓувреме, над 110 танкери со нафта чекаат да поминат, повеќе од 80 енергетски објекти се оштетени, а значителен дел од инфраструктурата е сериозно уништен.

Според проценките, враќањето на нормалното ниво на производство може да трае до две години.

Што значи ова за граѓаните?

За обичниот граѓанин, кризата ќе се почувствува преку поскапи патувања, можни откажани летови, повисоки сметки за енергија и поскапување на основните производи. Енергетските шокови ретко остануваат ограничени, тие брзо се прелеваат во сите сегменти од економијата.

Ситуацијата околу Ормускиот теснец веќе се претвора во клучен глобален тест, за политиката, економијата и енергетската стабилност. Дали светот ќе најде брзо решение или ќе влезе во долготрајна криза, ќе одреди не само како ќе изгледа 2026 година, туку и каква ќе биде енергетската иднина на Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни