Климатските промени би можеле да ја претворат Европа во ново жариште на вирусот чикунгуња, предупредува нова научна студија објавена во списанието Frontiers in Cellular and Infection Microbiology.
Истражувањето покажува дека повисоките температури овозможуваат ширење на комарците што го пренесуваат вирусот кон северните и умерените региони, вклучително и централна Европа и североисточниот дел на Северна Америка. Научниците наведуваат дека моментално 139 држави и региони во светот се сметаат за ризични зони за ширење на чикунгуња – вирусна болест што се пренесува преку комарци.
Болеста традиционално ја пренесува комарецот Aedes aegypti, познат и како жолтотресков комарец, но научниците предупредуваат дека климатските промени овозможуваат брзо ширење и на азискиот тигрест комарец, кој подобро поднесува пониски температури.
„Како што температурите растат, овие комарци можат да се населат во области кои порано биле премногу студени за нив“, предупредува коавторот на студијата Јанг Ву.
Истражувачите откриле и дека повисоките температури го забрзуваат развојот на вирусот во организмот на комарците. При температури меѓу 18 и 28 степени Целзиусови, вирусот се развива четири до пет пати побрзо, што значително го зголемува ризикот од епидемии. Според студијата, северна и централна Европа, источна Азија и делови од Северна Америка се меѓу регионите што најверојатно ќе станат идни жаришта на вирусот.
Во моментов, вирусот не е трајно присутен во Европа, а регистрираните случаи најчесто се поврзани со патници кои доаѓаат од тропски и суптропски земји. Научниците предупредуваат дека глобалното затоплување веќе ја менува распределбата на заразните болести и бараат државите навремено да вложат во следење на комарците, обука на медицински кадар и системи за брза реакција.
Меѓу земјите што треба особено внимателно да се подготват се Обединетото Кралство, Германија, САД, Кина и Јапонија.