Евроамбасадорот Рокас побара итна реакција за депонијата во Струга

Рокас оцени дека проблемот е голем и дека не може да се чека само долгорочното решение со регионалниот систем за управување со отпад во Новаци

При посетата на струшката депонија амабсадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас изрази сериозна загриженост за состојбата на терен и за нејзината близина до куќите, реката Црн Дрим, водоводот и Охридското Езеро.

Рокас оцени дека проблемот е голем и дека не може да се чека само долгорочното решение со регионалниот систем за управување со отпад во Новаци. Според него, потребни се и итни мерки за актуелната состојба, бидејќи депонијата се наоѓа на локација што директно отвора ризици за животната средина и за квалитетот на животот на граѓаните.

Европската Унија го поддржува регионалниот третман на цврст отпад, но процесот сè уште не е завршен. Рокас најави разговори со надлежните институции и со локалната власт за тоа што може да се преземе во меѓувреме, додека не се изгради регионалното решение.

Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, изјави дека постои координативно тело за регионалната депонија и дека се обезбедени средства за проектот во Новаци. Тој очекува наскоро да биде објавен тендер за фабриката што треба да го третира отпадот.

Еколошкиот активист и адвокат Глигорие Ќатоски предупреди дека депонијата продолжува да расте. Според неговите процени, во 2021 година била висока околу 22 метри, а денес достигнува околу 30 метри над земја. Тој смета дека трајното решение е целосно дислоцирање на депонијата, рекултивација на земјиштето и пошумување на просторот.

Проблемот со струшката депонија со години е една од најсериозните еколошки точки во југозападниот дел од земјата. Граѓански организации и активисти претходно бараа институционална одговорност и судска заштита, а случајот беше поврзан и со барања за заштита на правото на здрава животна средина.

Прашањето добива дополнителна тежина и поради статусот на Охридскиот регион како светско природно и културно наследство. Управувањето со отпадот и третманот на отпадните води веќе беа посочени како приоритети за Струга и Охрид во контекст на зачувувањето на УНЕСКО статусот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс