ЕВН колекцијата слави 30 години со изложбата „Тапети“ во Скопје

Во Музејот на современата уметност во Скопје е отворена изложбата „Тапети“, која обединува 70 дела од колекцијата на ЕВН Австрија и од збирката на МСУ, како симбол на долгогодишното културно партнерство меѓу Македонија и Австрија.

По повод 30 години од основањето на уметничката колекција на ЕВН од Австрија, во Скопје беше отворена изложбата „Тапети“, која обединува дела од богатите збирки на ЕВН колекцијата и Музејот на современата уметност.

Поставката вклучува 70 избрани дела од угледни меѓународни и реномирани македонски уметници, а на македонската јавност ќе ѝ биде достапна до 15 јули.

ЕВН колекцијата е значајна корпоративна уметничка збирка со фокус на меѓународната современа уметност. Постои од 1995 година и создава дијалог меѓу различни уметнички изрази и перспективи, истовремено отсликувајќи ја посветеноста на ЕВН Групацијата кон поддршка на културата и креативноста.

На свеченото отворање, покрај менаџментот на ЕВН Македонија, присуствуваа и претседателот на Управниот одбор на ЕВН Австрија, Штефан Шишковиц, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Мартин Памер, претставници на институции, културната јавност, деловни партнери и бројни гости.

Уметноста и енергијата како врски меѓу луѓето

Во своето поздравно обраќање, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер, истакна дека изложбата симболично поврзува два значајни јубилеи: 30 години од ЕВН колекцијата и 20 години присуство на ЕВН на македонскиот пазар.

„На прв поглед, енергијата и уметноста припаѓаат на различни светови. Едната го движи секојдневниот живот, додека другата инспирира идеи и емоции. Но и двете имаат моќ да ги поврзуваат луѓето и да создаваат трајни вредности. Горди сме што дел од ЕВН колекцијата успеавме да ѝ го доближиме на македонската јавност и да придонесеме кон културната размена меѓу двете пријателски земји“, истакна Маиер.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, упати благодарност до сите институции и поединци што придонеле за реализацијата на проектот. Тој посочи дека изложбата е многу повеќе од претставување на уметнички дела, односно дека претставува симбол на долгогодишното пријателство, соработка и заеднички вредности што ги поврзуваат Македонија и Австрија.

Културата како дел од општествената одговорност

Од ЕВН Македонија посочуваат дека како општествено одговорна компанија ја препознаваат културата како важен столб на општествениот развој и како моќна алатка за зацврстување на врските меѓу луѓето и народите.

Преку долгорочната поддршка на културните иницијативи, компанијата останува посветена на создавање вредност не само во енергетскиот сектор, туку и во заедниците во кои делува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс