ЕУ воведува нови правила за патување со авион: Бесплатен багаж, седишта за деца и до 600 евра за доцнење

Од 2027 година патниците во ЕУ ќе имаат нови права при летање: бесплатен рачен багаж, надомест до 600 евра за доцнење, задолжително седење на деца со родители и нови правила за авиокомпаниите.

Патувањето со авион во Европската Унија наскоро ќе добие нови правила кои треба значително да ги заштитат патниците. Европскиот парламент усвои нов пакет мерки со кои се задржува правото на финансиски надомест за значителни доцнења, се воведува бесплатен рачен багаж и се укинуваат дел од практиките на авиокомпаниите кои предизвикуваа незадоволство кај патниците.

Новите правила, кои сè уште треба формално да бидат потврдени од Советот на ЕУ, се очекува да стапат во сила на почетокот на 2027 година.

Надомест до 600 евра за доцнење на лет

Една од најважните промени е задржувањето на правото на паричен надомест за патниците чии летови доцнат три часа или повеќе. Според новите правила, патниците ќе можат да добијат: 250 евра за пократки летови, 300 евра за летови подолги од 3.500 километри со доцнење од три до четири часа и 600 евра за доцнење подолго од четири часа или откажување на лет.

Авиокомпаниите нема да бидат обврзани да исплатат надомест ако проблемите се предизвикани од околности надвор од нивна контрола, како природни катастрофи, војни, екстремни временски услови или штрајкови на аеродромскиот персонал.

Бесплатен рачен багаж за секој патник

Една од најочекуваните промени е тоа што авионските билети автоматски ќе вклучуваат: едно парче рачен багаж и еден личен предмет, како мала торба или ранец. Со ова треба да се намали практиката на дополнителни наплати за основен багаж, која често беше причина за незадоволство кај патниците.

Новите правила предвидуваат авиокомпаниите да мора да им овозможат на родители или придружници да седат со деца до 14 години без дополнителни трошоци. Истото право ќе важи и за лицата со попреченост и нивните придружници.

Крај на правилото „ако не леташ во еден правец, губиш повратен билет“

Една од најконтроверзните практики во авионскиот транспорт ќе биде укината. Авиокомпаниите повеќе нема да смеат да му одбијат качување на патник на повратен лет само затоа што не го искористил првиот дел од патувањето.

Ова правило особено ги погодуваше патниците кои купувале повратни билети, но поради промена на плановите не го користеле појдовниот лет.

Повеќе права при долго чекање

Во случај на доцнење, патниците ќе имаат право на дополнителна грижа од авиокомпаниите: освежување по секои два часа чекање, оброк по три часа и дополнително на секои пет часа, пристап до интернет и два бесплатни телефонски повици.

Доколку доцнењето бара ноќевање, авиокомпанијата ќе мора да обезбеди бесплатен хотел и превоз меѓу аеродромот и сместувањето.

Бесплатна исправка на грешки во името

Новите правила воведуваат и олеснување при купување билети. Патниците ќе можат бесплатно да исправат грешки во името доколку ги пријават најмалку 48 часа пред патувањето. Одлуката на Европскиот парламент беше донесена со убедливо мнозинство – 646 гласа „за“, 12 „против“ и три воздржани.

Со новите правила ЕУ сака да воспостави појасни обврски за авиокомпаниите и подобра заштита за патниците, особено во период кога евтините авионски компании сè почесто воведуваат дополнителни трошоци за услуги кои порано биле дел од основниот билет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс