Европска Унија воведува нови правила за железничкиот сообраќај со кои од 2031 година ќе се казнуваат железничките компании поради доцнења, откажувања и ненавремено информирање на патниците. Новата регулатива за единствен европски железнички сообраќај беше поздравена од хрватскиот европратеник Гордан Босанац како „голема победа за патниците“ и важен чекор кон подобро железничко патување низ Европа.
Со новите правила се укинува и досегашната практика за менување на возниот ред двапати годишно. Наместо тоа, ќе се воведе т.н. „ролинг возен ред“, што треба да овозможи порано пуштање на билетите во продажба и полесно планирање на патувањата.
ЕУ очекува дигитализацијата и подобрата координација меѓу железничките оператори да го зголемат железничкиот капацитет за околу четири проценти, што би значело повеќе линии и повеќе возови низ Европа. Следниот голем чекор, според Босанац, е воведување единствен европски железнички билет, со кој патниците би можеле да купат една карта за патување низ цела Европа, наместо посебни билети за секоја држава и оператор.