ЕУ сака да стави граница на ТикТок, игри и четботи: нови правила за децата на интернет

Бесконечно скролање, автоматско пуштање видеа и апликации дизајнирани да го задржат корисникот што подолго пред екранот би можеле да добијат нови правила во Европската Унија. Европската комисија предложи „ЕУ акт за децата“ – заеднички европски правила со кои би требало да се зголеми безбедноста на децата на социјалните мрежи, во видеоигрите, на платформите за видео и во ВИ-четботите.

Предлогот официјално беше претставен на 17 септември, откако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го најави во говорот за состојбата на Унијата.

Различна заштита за различни возрасти

Една од клучните идеи е децата да не се третираат како една единствена категорија. Правилата предвидуваат различни нивоа на пристап според возраста. За најмладите, од 3 до 13 години, би биле дозволени само платформи прилагодени за деца и тоа под надзор на возрасни. На возраст од 13 до 15 години, пристапот би бил ограничен, со помалку функции и вклучени родителски контроли.

Од 15 до 18 години би следел поширок пристап до платформите, но и понатаму со задолжителни безбедносни правила наменети за малолетници. На тој начин Брисел сака заштитата да се прилагоди на возраста и степенот на самостојност на детето.

Бесконечното скролање под лупа

Еден од проблемите што ги таргетира предлогот се таканаречените зависнички или компулсивни функции на апликациите. Меѓу нив се бесконечното скролање, автоматското пуштање содржини и други механизми кои можат да го поттикнуваат корисникот да остане подолго на платформата. Наместо платформите прво да пуштат производ на пазарот, а потоа да се утврдува дали создава ризици за децата, принципот би бил „безбедност уште при дизајнот“.

Тоа значи дека платформите би требало однапред да покажат дека нивните производи се безбедни за малолетни корисници.

А што со проверката на возраста?

Европската комисија предлага и поусогласен пристап кон проверката на возраста. Во моментов во ЕУ постојат различни национални правила и различни начини на проверка, а за одредени услуги не постои заедничка минимална возраст на европско ниво. „ЕУ актот за децата“ би требало да донесе заедничка рамка, иако државите членки би можеле да задржат и свои построги правила.

Франција, на пример, веќе турка ограничувања за корисници помлади од 15 години, а Париз бара ваквите правила да бидат усогласени на ниво на целата Унија.

И ВИ-четботите влегуваат во правилата

Предлогот не се однесува само на социјалните мрежи. Во опфатот се и видеоплатформите, онлајн игрите и четботите базирани на вештачка интелигенција. Тоа е важно бидејќи децата сè почесто комуницираат со ВИ системи, а таквите алатки можат да генерираат содржина и одговори директно приспособени на корисникот.

Новите правила би требало да постават дополнителни заштитни механизми за малолетниците и во овој сегмент.

Брисел би ги контролирал најголемите платформи

Спроведувањето на правилата би се потпирало на постојниот европски Закон за дигитални услуги – ДСА. За најголемите онлајн платформи директниот надзор би го вршел Брисел, додека трошоците за надзорот би се финансирале преку надзорни такси.

Предлогот доаѓа во момент кога земјите од ЕУ сè почесто воведуваат сопствени ограничувања за користењето на социјалните мрежи од страна на деца. Европската комисија сега се обидува да создаде заедничка рамка, така што возраста и местото каде што детето живее да не значат сосема различно ниво на заштита на интернет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс