Фестивал ФЛУДО: Кога уметноста ја раскажува приказната за животната средина

ФЛУДО се појавува како простор каде што уметноста, образованието, активизмот и граѓаните се среќаваат околу прашањата за животната средина

Првото издание на ФЛУДО – фестивал за еко култура и креативен активизам започнува утре (четврток 24 септември) и ќе трае до сабота (26 септември). Сите програми ќе се одржуваат во Сули – ан во Скопје.

Пред пет години, Еко – свест, кој е организатор на фестивалот, започна со специфичен комуникациски пристап што ги надминува традиционалните модели на информирање. Наместо еколошките теми еднострано да се пренесуваат до јавноста, Еко – свест започна да гради долгорочни партнерства со независни културни центри, фестивали и уметници, со цел знаењето за животната средина да стане дел од нивната работа и да стигне до поширок круг луѓе.

„Веруваме дека културата има моќ да отвора прашања, да создаде нови перспективи и да придонесе кон градењето на наративот за животната средина.

Во изминатите пет години, преку овие соработки, еколошките теми станаа дел од различни фестивали, репертоари, работилници и уметнички продукции. Паралелно, преку едукативната програма се работи со деца од основните и средните училишта, како и со студенти од уметничките факултети, со цел новите генерации да ги истражуваат прашањата за животната средина преку образование и креативност, рече Ѓорѓи Митревски, програмски координатор во Еко – свест.

ФЛУДО се појавува како простор каде што уметноста, образованието, активизмот и граѓаните се среќаваат околу прашањата за животната средина, тој не е замислен како само културен настан, туку како простор за сите што сметаат дека уметноста и културата може и треба да дејствуваат во заеднички фронт со екоактивизмот.

Програмата на првото издание на ФЛУДО носи различни уметнички и едукативни формати. Во фокусот е заштитата на реките, преку изложба која ќе ја конципираат самите учесници, со естетска и едукативна компонента.

На годинашново прво издание на фестивалот ќе се одржат работилници за стоп анимација, театар на сенки, циајнотипија сито печат и креативно рециклирање.

Посетителите ќе можат да ја проследат и Еко трампа, настан посветен на циркуларната економија, како и проекции на кратки документарни филмови кои обработуваат различни еколошки теми, меѓу кои и филм посветен на изворот Рашче.

Музичкиот дел од програмата носи соработка меѓу визуелниот уметник Владимир Лукаш, композиторот Ѓорѓи Шаревски и диригентот Џијан Емин, а ќе настапат и Хана Корнети, младата Јована Ристеска, ќе настапи ди џеј Шурбе, а последната вечер ќе се одржи и концертот TRANSMISSION со Александар Петров и Томи Анчов.

Во сабота ќе биде претставена и поставка со дела создадени на работилниците за креативни медиуми, а во рамки на програмата ќе се одржи и разговорот Мојот пат”, модериран од писателката Румена Бужаровска, која живее и создава во Маврово.

Во ФЛУДО учествуваат и луѓе со долгогодишно искуство во културата, уметноста, медиумите и активизмот, меѓу кои и ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ, од КСП „Центар – Јадро”, како и Сандра Јосифовиќ од Сараево со долгогодишно новинарско и активистичко искуство во поврзувањето на културата и екоактивизмот.

Во иднина ФЛУДО се стреми да прерасне во јавен форум за уметниците, едукаторите, активистите и сите граѓани. 

Името на фестивалот ФЛУДО е инспирирано од водата и реката – како симбол на движење, поврзување и трансформација. Идејата за ФЛУДО се развиваше низ повеќегодишната работа со уметнички колективи и едукативни програми, особено на теми поврзани со заштитата на реките.

„ФЛУДО го замислуваме како дух на водата и симболичен заштитник на реките – фестивал и платформа која ќе продолжи да ги поврзува уметниците, организациите, активистите и граѓаните во создавањето на нови приказни за животната средина”, додаде Митревски.

Некои еколошки прашања веќе теми со кои се занимава јавноста Но, животната средина сè уште нема доволно простор во културниот и општествениот наратив.

ФЛУДО е обид тој простор да го создадеме – заедно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс