Европската комисија денес треба да ја објави рекордната казна за Google. Тоа го соопшти германскиот весник Handelsblatt, повикувајќи се на двајца високи функционери на ЕУ. Одлуката е резултат на двегодишна истрага и следи по состанокот на колегиумот на повереници, воден од претседателката Урсула фон дер Лајен, на кој казната наводно била потврдена.
Комисијата две години ја испитуваше праксата со која Google ги фаворизира сопствените услуги во резултатите од пребарувањето. Дел од истрагата се однесуваше и на тоа дали компанијата ги спречува развивачите на апликации да ги насочуваат корисниците кон понуди надвор од продавницата и системот за плаќање на Google, пренесува Euronews.
Актот за дигитални пазари (DMA) предвидува казни до 10 отсто од вкупниот годишен промет на компанијата на светско ниво. Матичната компанија на Google, Alphabet, во 2025 година пријавила приход од 402,8 милијарди долари. Теоретски, тоа значи дека максималната казна би можела да изнесува десетици милијарди долари. Точниот износ сè уште не е познат.
Регулативата на ЕУ директно се однесува само на пазарот на Унијата. Сепак, глобалните практики на Google и висината на казните во Брисел обично влијаат на начинот на кој компанијата работи и надвор од ЕУ, вклучително и на пазари во регионот.
Одлуката може дополнително да ги заостри односите меѓу Брисел и Вашингтон. Американската администрација и порано ја обвинуваше Унијата дека со дигиталната политика неправедно ги таргетира американските компании. Во јануари, претседателот Доналд Трамп се закани со царини од 100 отсто за сите европски земји кои ги оданочуваат дигиталните услуги на американските компании.