Европската Унија разгледува можност идните членки, меѓу кои и земјите од Западен Балкан, во првите години по пристапувањето да немаат целосно право на вето за одлуки што се носат едногласно, како надворешната политика и даночните прашања. Целта е проширувањето да стане политички поприфатливо за земјите членки што се скептични кон прием на нови држави.
Идејата, според извори од ЕУ, се разгледува во Европската комисија како дел од поширокиот обид Унијата да прими нови членки до крајот на деценијата, но без да го блокира сопственото функционирање. Во фокусот се Молдавија и земјите од Западен Балкан, а особено Црна Гора, која во моментов се смета за најнапреден кандидат за членство.
Црна Гора, земја со околу 624.000 жители, сака да стане 28. членка на ЕУ до 2028 година. Нејзините преговори траат веќе 14 години, а техничка група што треба да го подготви пристапниот договор веќе одржала прв состанок, што се толкува како знак дека процесот влегува во завршна фаза.
Според плановите што се разгледуваат, временски ограничена забрана за користење право на вето би можела да биде внесена во пристапниот договор на Црна Гора, а потоа да послужи како модел и за други идни членки.
Таквиот механизам се смета за правно чувствителен и би можел да биде воведен само привремено, за да не се создаде впечаток дека новите членки се „втора класа“ во рамки на Унијата.
Идејата доаѓа по искуствата со Унгарија, чија влада под водство на Виктор Орбан блокираше повеќе важни одлуки на ЕУ, меѓу кои и голем финансиски пакет за Украина. Затоа дел од европските дипломати бараат заштитни механизми што би спречиле една нова членка да го блокира целиот блок.
Германија, пак, повикува на „иновативни решенија“ за забрзување на пристапувањето на земјите од Западен Балкан. Канцеларот Фридрих Мерц во писмо до лидерите на ЕУ го опишал проширувањето како „геополитичка неопходност“, а за Украина предложил модел на „асоцијативно членство“ како чекор кон целосно членство.
Таквиот статус би ѝ овозможил на Украина да учествува на состаноци и да има претставеност во институциите на ЕУ, но без право на глас. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли оваа идеја, порачувајќи дека местото на Украина во ЕУ мора да биде „целосно и еднакво“.
Проширувањето на ЕУ речиси беше запрено сè до руската инвазија врз Украина во 2022 година, која повторно ја отвори дебатата за прием на нови членки. Европската комисија лани порача дека Унијата би можела да прими нови земји до 2030 година, при што Црна Гора и Албанија се посочуваат како предводници на процесот.
Во Брисел особено се внимава на Франција, каде скептицизмот кон проширувањето расте. Според анкета на Евробарометар, само 43 проценти од Французите го поддржуваат проширувањето на ЕУ, додека 48 проценти се против.
Европските извори оценуваат дека е потребно „креативно размислување“ за проширувањето да продолжи, особено на Западен Балкан, регион со 17,4 милиони жители, каде Русија и Кина се обидуваат да го зголемат своето влијание.
Германија веќе подолго време бара внатрешни реформи во ЕУ, вклучително и укинување на ветото во надворешната политика, предупредувајќи дека Унија со 33, 34 или 35 членки не може да функционира според исти правила како порано.
Сепак, во Брисел постои страв дека чекањето на целосни реформи, кои можеби би барале промена на договорите на ЕУ, може повторно да го одложи проширувањето.
Според дел од аналитичарите, привременото ограничување на ветото не би било драстична мерка, туку начин политичарите полесно да го „продадат“ проширувањето на домашната јавност. Истовремено, тоа би ја заштитило Унијата од можност нова членка по пристапувањето да избере влада што би го блокирала европското одлучување.
Од црногорската влада порачуваат дека нивна цел останува полноправно членство во ЕУ, со сите права и обврски што ги има една рамноправна членка. Сепак, додаваат дека не се против заштитни механизми, доколку тие помагаат реформите да останат одржливи и по пристапувањето.