81 година од раѓањето на Марша П. Џонсон: една од централните фигури на движењето за правата на ЛГБТ заедницата

Кога ја прашувале што значи иницијалот во нејзиното име, одговарала со три збора кои станале мото на нејзиниот живот. Родена на 24 август 1945 година, таа станала една од централните фигури на движењето за правата на ЛГБТ-заедницата во САД.

На 24 август 1945 година, во Елизабет, Њу Џерси, е родена Марша П. Џонсон, активистка, изведувачка и една од најпрепознатливите фигури на њујоршката ЛГБТ-заедница од шеесеттите до деведесеттите години. Буквата „П“ во нејзиното име не била скратеница од презиме, туку се однесувала на нејзиниот животен став. Кога некој ја прашувал што значи, одговарала со фразата „Pay It No Mind“ – „Не обрнувај внимание“. Годинава се навршуваат 81 година од нејзиното раѓање.

Со неколку долари во џебот до Гринич Вилиџ

Родена како Малколм Мајклс таа се преселила во Њујорк веднаш по завршувањето на средното училиште, со само неколку долари во џебот. Гринич Вилиџ, тогаш центар на алтернативната и уметничката сцена на градот, станал нејзин дом во следните три децении.

Пред конечно да го избере името под кое останала запаметена, извесно време се претставувала како „Црна Марша“. Живеела на маргините работела како сексуална работничка, честопати немала стабилен покрив над главата и во текот на животот се соочувала со сериозни проблеми со менталното здравје. Сепак, ништо од тоа не ја спречило да стане една од највидливите и најсаканите фигури во својата заедница.

Ноќта во Стоунвол

На 28 јуни 1969 година, полицијата извршила рација во барот „Стоунвол Ин“ во Гринич Вилиџ. Она што следело биле неколку ноќи на судири, кои историчарите денес ги сметаат за пресвртница во движењето за правата на ЛГБТ-заедницата во САД. Џонсон била присутна таа ноќ. Со години потоа кружела приказната дека токму таа го започнала отпорот, наводно фрлајќи чаша кон огледало и извикувајќи дека ги има своите граѓански права, настан кој во популарната култура останал запаметен како „чашата што се слушна низ целиот свет“.

Сепак, самата Џонсон никогаш не тврдела дека била првата што се спротивставила. Историчарите се согласуваат дека вистината е посложена. Меѓу имињата што најчесто се поврзуваат со почетокот на отпорот се токму нејзиното, името на Силвија Ривера и она на Сторме Деларвери. Сите три, сепак, отфрлале дека токму тие го фрлиле првиот удар.

Она што не се спори е дека Џонсон била во центарот на настаните и дека била активистка долго пред Стоунвол, а останала активна и долго потоа.

СТАР: организацијата родена од исклучување

По Стоунвол, движењето што произлегло од немирите брзо почнало да ги оддалечува токму луѓето кои биле меѓу најизложените, трансродовите лица и луѓето од расните малцинства. Џонсон отворено зборувала за трансфобијата и дискриминацијата внатре во самото движење.

Во 1970 година, заедно со блиската пријателка Силвија Ривера, ја основала организацијата СТАР, „Street Transvestite Action Revolutionaries“. Тоа била една од првите организации од таков вид. Паралелно, двете отвориле и таканаречена „Куќа СТАР“, засолниште за млади луѓе од заедницата кои биле бездомници или немале каде да одат.

Круни од фрлено цвеќе

Она по што ја паметат луѓето кои ја познавале не се само протестите. Џонсон сама ја изработувала својата облека и раскошните украси за глава од материјали што ги наоѓала често и од цвеќе оставено и фрлено на градските пазари. Настапувала со дрег-групата „Хот Пичис“, со која гостувала и надвор од САД, а пишувала и поезија.

Заработувала малку, а она што го имала често го трошела за храна за други луѓе кои живееле на улица. Токму поради нејзината несебичност, во заедницата почнале да ја нарекуваат „Света Марша“.

Ворхол и портретот што ја однесе во галериите

Во 1975 година, Енди Ворхол ја вклучил нејзината фотографија во серијата портрети „Дами и господа“, посветена на дрег-изведувачите од Њујорк. Со тоа, ликот на жена која живеела на самата маргина на градот се нашол на ѕидовите на галериите и во приватни колекции ширум светот.

Џонсон не се борела само за својата заедница. Протестирала пред болницата „Белвју“ во Њујорк поради начинот на кој установата постапувала со припадници на ЛГБТ-заедницата, бездомници и лица со ментални нарушувања.

Во осумдесеттите и деведесеттите години се приклучила на демонстрациите на организацијата ACT UP, во време кога епидемијата на ХИВ/СИДА ја опустошувала њујоршката заедница, а јавната свест и институционалниот одговор биле недоволни.

Смрт што останала без одговор

Марша П. Џонсон починала во јули 1992 година, на 46-годишна возраст. Нејзиното тело било пронајдено во реката Хадсон, а полицијата првично го затворила случајот како самоубиство. Луѓето кои ѝ биле блиски се спротивставиле на тој заклучок, тврдејќи дека таа не покажувала знаци дека размислува за самоубиство. Сведоци, исто така, изјавиле дека истиот ден била малтретирана на улица.

Заедницата со години барала случајот повторно да се отвори и смртта да се истражи како можно убиство. Класификацијата на смртта подоцна била променета, но целосен одговор за тоа што точно се случило никогаш не бил утврден.

Наследство што расте по неа

Речиси три децении по нејзината смрт, признанието конечно стигнало. Во 2019 година, градот Њујорк најавил дека Џонсон и Ривера ќе добијат спомен-обележје – прво постојано јавно уметничко дело во светот посветено на трансродови жени. Следната година, списанието „Тајм“ ја вклучило меѓу 100-те жени на векот, во категоријата за 1969 година, годината на Стоунвол.

Денес постои и Институтот „Марша П. Џонсон“, кој работи на унапредување на правата на црните трансродови луѓе, а нејзиниот живот е тема на повеќе документарни филмови. Еден од нив го носи токму нејзиното животно мото како наслов и содржи едно од последните интервјуа што таа ги дала.

Зошто трите збора зад буквата „П“ останаа

Она што ја прави фигурата на Марша П. Џонсон толку трајна не е само нејзиното присуство во Стоунвол. Тоа е комбинацијата од две нешта кои ретко одат заедно живот во постојана несигурност, сиромаштија и изложеност на насилство, но и подготвеност последните пари да ги потроши за туѓ оброк или од фрлено цвеќе да направи круна.

Осумдесет и една година по нејзиното раѓање, буквата „П“ во нејзиното име останува кратка, но моќна порака: „Pay It No Mind“ – не обрнувај внимание.

е-Трн да боцка во твојот инбокс