Европската индустрија за полупроводници се соочува со сериозни предизвици поради кинеските ограничувања за извоз на критични суровини, зависноста од американската технологија и внатрешните структурни слабости, предупредува нов извештај на Институтот на Европската Унија за безбедносни студии и францускиот Институт Монтењ.
Во извештајот се наведува дека кинеските ограничувања за извоз на стратешки минерали, како и можната ескалација на тензиите околу Тајван, претставуваат сериозен ризик за глобалните синџири на снабдување со чипови. Истовремено, авторите предупредуваат дека предложените американски правила за контрола на извозот би можеле да го ограничат работењето на европски компании, меѓу кои и холандскиот производител ASML, светски лидер во опрема за производство на полупроводници.
Коавторот на студијата Јорис Тир оценува дека, иако Кина останува најголемиот геополитички предизвик, сè поголема загриженост предизвикува зависноста на Европа од американската технологија, особено по промените во политиката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
За да ја зајакне конкурентноста на секторот, Европската комисија го предложи пакетот „Chips Act 2.0“, кој предвидува поттикнување на домашното производство и поголема побарувачка за чипови произведени во Европската Унија. Паралелно, ЕУ се приклучи и на меѓународната иницијатива „Pax Silica“, чија цел е зајакнување на отпорноста на синџирите на снабдување.
Според извештајот, европската индустрија дополнително ја оптоваруваат високите цени на енергијата, недостигот од приватни инвестиции и слабеењето на индустриската база, поради што експертите сметаат дека Европа мора подобро да ги искористи своите предности, особено во производството на опрема за изработка на полупроводници.