ЕУ повторно сака да воведе скенирање на пораки за борба против злоупотреба на деца

Европскиот парламент повторно ќе гласа за продолжување на привремените правила што им дозволуваат на платформите како WhatsApp и Messenger доброволно да ги скенираат комуникациите за откривање материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца.

Европската унија повторно се соочува со жестока дебата околу предлогот што би им овозможил на технолошките компании да проверуваат онлајн комуникации во потрага по материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца (CSAM).

Европскиот парламент оваа недела треба повторно да гласа за продолжување на привремениот режим кој им дозволува на платформи како WhatsApp и Messenger да преземаат доброволни мерки за откривање и пријавување на сомнителни содржини.

Критичарите на мерката ја нарекуваат „контрола на разговорите“ („chat control“) поради загриженоста дека може да ја наруши приватноста на корисниците, особено кај апликациите што користат крај-до-крај енкрипција.

Правилата истекле во април

Претходниот правен режим истече на 3 април, а Европската комисија предложи негово привремено продолжување додека се преговара за трајно решение.

Сепак, Европскиот парламент во март го отфрли предлогот со 311 гласа против, 228 за и 92 воздржани.

Поддржувачите на мерката тврдат дека таа е неопходна за откривање и спречување на ширење материјали со сексуална злоупотреба на деца, додека противниците предупредуваат дека масовното скенирање на приватни пораки може да создаде опасен преседан.

„Децата се заштитуваат со паметно спроведување на законите, а не со скенирање на приватните пораки на милиони невини луѓе“, изјави европратеникот од Зелените, Игнацио Марино, нарекувајќи го предлогот форма на „масовен надзор“.

Европската народна партија го турка повторното гласање

Продолжувањето на привремениот режим повторно се најде на дневен ред по иницијатива на Европската народна партија (ЕПП), најголемата политичка група во Европскиот парламент. Според критичарите, ЕПП искористила ретко применувана законодавна постапка за да овозможи повторно гласање без значителни измени.

Новата верзија што ја усвоија земјите членки на ЕУ не содржи суштински промени и би им овозможила на интернет платформите да откриваат, пријавуваат и отстрануваат содржини поврзани со сексуална злоупотреба на деца до 2028 година.

Загриженост за приватноста

Најголем спор предизвикува прашањето дали скенирањето на пораки може да ја наруши безбедноста на енкриптираните комуникации. Противниците предупредуваат дека создавањето механизми за проверка на приватни разговори би можело да доведе до поширока контрола врз дигиталната комуникација.

Поддржувачите, пак, сметаат дека платформите мора да имаат алатки за откривање на криминални активности и заштита на децата на интернет. Гласањето во Европскиот парламент е планирано за четврток, доколку претходно биде одобрена итната процедура за усвојување на продолжувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс