ЕУ одобри 6,1 милијарди евра за Украина, парите одат и за ракети „Патриот“

Брисел се откажува од условот опремата да биде европска за да овозможи итна набавка на американски ракети пред зимата.

Европската Унија денеска одобри дополнителна воена помош од 6,1 милијарди евра за Украина, наменета за набавка на опрема и пресретнувачи за противвоздушниот систем „Патриот“. Средствата се обезбедени преку поширокиот пакет заеми на Унијата. Брисел најави дека го укинува условот воената опрема да биде произведена исклучиво во Европа, со цел да се забрза испораката на американските системи неопходни за заштита од руските балистички ракети.

Новите 6,1 милијарди евра ја заокружуваат воената транша од 28,3 милијарди евра предвидена за оваа година, која е дел од вкупниот пакет заеми на ЕУ вреден 90 милијарди евра. За буџетска поддршка на Киев годинава се резервирани дополнителни 16,7 милијарди евра.

Исплатите одат етапно. Брисел ги одобрува парите дури откако ќе ги провери конкретните договори што украинските власти ги склучуваат со приватни компании. До денес, за директни одбранбени набавки се исплатени 8,35 милијарди евра. Со укинувањето на ограничувањата за потеклото на опремата, Украина ќе може да купува и дронови што зависат од кинески компоненти.

Украинската војска се соочува со недостиг на пресретнувачи во пресрет на студените месеци, додека руските сили ги засилуваат нападите со ракети и млазни беспилотни летала. Европските претставници предупредуваат дека претстојната зима може да биде најтешка за украинската енергетска мрежа од почетокот на војната.

„Воената предност на Украина зависи од брзата достапност на клучните производи во потребните количини и во кратки рокови“, изјави европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус на прес-конференција во Брисел. Тој додаде дека Унијата мора да продолжи со празнење на сопствените залихи и менување на приоритетите во фабричките нарачки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс