Аларм за глад во Европа: ЕУ мобилизира 500 милиони евра за спас на земјоделството по затворањето на Ормускиот Теснец

Брисел соочен со ризик од колапс на домашното производство на храна, откако ескалацијата на Блискиот Исток ги вивна во небо цените на гасот и вештачките ѓубрива.

Европската Унија е принудена да преземе итни финансиски мерки за да го спречи претстојниот сериозен шок во снабдувањето со храна на Стариот континент. Како што пренесуваат германските медиуми, Европската комисија официјално предложи итно мобилизирање на пакет-помош од 500 милиони евра наменети за поддршка на земјоделците. Аграрниот сектор во ЕУ се соочува со неодржлив раст на трошоците за вештачки ѓубрива, што директно се заканува да го одложи или целосно да го прекине есенското и зимското садење на клучните култури. Овој драматичен економски пресврт доаѓа како директна рефлексија на геополитичкиот конфликт на Блискиот Исток и затворањето на стратешкиот Ормуски Теснец, што предизвика сериозен ценовен шок на пазарот на енергенси.

Како ќе се обезбедат парите: Брисел ја празни земјоделската резерва

Предлогот на Комисијата предвидува итно активирање на средствата од таканаречената земјоделска резерва која функционира во рамките на Заедничката земјоделска политика (ЗЗП) на Унијата. Во овој фонд во моментов се наоѓаат на располагање околу 200 милиони евра, кои веднаш ќе бидат пренасочени на терен. За да се достигне потребната сума од половина милијарда евра, Еврокомисијата упати итно барање до земјите-членки и до Европскиот парламент за експресно одобрување на дополнителни 300 милиони евра. Еврокомесарот за земјоделство, Кристоф Хансен, предупреди дека ситуацијата на терен бара брза акција од сите институции, бидејќи во спротивно, наредната година ЕУ ќе се соочи со празни амбари.

Ефектот на Ормускиот Теснец: Скок на цените на гасот и азотните ѓубрива

Главниот виновник за паниката меѓу европските аграрци е затворањето на Ормуската Тесна на Блискиот Исток, со што беа прекинати клучните рути за испорака на нафта и течен природен гас. Бидејќи природниот гас е основна суровина за индустриско производство на азотни ѓубрива, неговото поскапување автоматски ги крена цените на ѓубривата до рекордно високо ниво. Иако еврокомесарот Хансен истакна дека многу земјоделци беа заштитени во првиот бран затоа што направија евтини залихи кон крајот на минатата година, тие резерви сега се целосно потрошени. Многумина од нив во моментов сериозно ја преиспитуваат одлуката дали воопшто да сеат зимски култури, стравувајќи дека трошоците за производство ќе ја надминат финалната откупна цена на храната.

ЕУ ги укинува царините до 2027 година во трка по алтернативи

Со цел да им се олесни притисокот на увозниците, Брисел донесе одлука за целосно суспендирање на стандардните увозни давачки и тарифи за неколку клучни азотни ѓубрива и поврзани суровини, мерка која ќе остане на сила сè до крајот на мај 2027 година. Се проценува дека овој потег ќе му заштеди на европскиот пазар околу 60 милиони евра. Паралелно со ова, Европската комисија започна да спроведува долгорочни мерки за намалување на зависноста на блокот од увоз на енергенси и суровини од Блискиот Исток и Русија. На земјоделците масовно им се нудат нови стимулации и субвенции за учество во еколошки програми кои бараат многу помала употреба на хемикалии, преку преминување на ѓубрива добиени исклучиво од органски извори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс