ЕУ ја условува исплатата на 1,5 милијарди евра за Србија со реформи во судството, медиумите и фер избори

Европската комисија ја одложува исплатата на средства за Србија од Планот за раст додека не се исполнат услови за судски реформи, слобода на медиуми и изборни стандарди, предупредувајќи на зголемена загриженост.

Европска комисија ја условува понатамошната финансиска поддршка за Србија со целосно исполнување на препораките на Венецијанската комисија, особено во делот на измените во правосудните закони. Пораката до Белград е дека без напредок во владеењето на правото и демократските стандарди, исплатите од европските фондови ќе бидат ставени на чекање

Еврокомесарката за проширување Марта Кос предупреди дека Европската комисија е „сè повеќе загрижена“ за состојбите во Србија.

Забелешките се однесуваат на: измени кои ја поткопуваат независноста на судството, притисоци врз медиумите, односот кон протестите и граѓанските слободи и недоволна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

1,5 милијарди евра под знак прашалник

Во рамки на План за раст за Западен Балкан, Србија треба да добие вкупно околу 1,6 милијарди евра.

Досега се исплатени околу 110 милиони евра, додека остатокот од речиси 1,5 милијарди останува неизвесен доколку не се исполнат условите од Брисел.

Европска комисија инсистира Србија да обезбеди: целосна независност на правосудството, слобода на изразување и медиуми, фер и транспарентни изборни процеси и имплементација на препораките поврзани со изборните реформи.

Без овие чекори, исплатата на европските средства нема да продолжи.

Одлуката испраќа јасен сигнал дека европската финансиска поддршка за регионот е директно поврзана со реформскиот напредок. За Србија тоа значи дека идните исплати зависат од конкретни, мерливи промени, а не само од политички ветувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни