Европската унија повторно ги истакна долгогодишните системски слабости во Северна Македонија во својот најнов годишен извештај за човекови права и демократија во светот. Брисел посочува дека и покрај воспоставената правна рамка, земјата се соочува со сериозни предизвици во практичната примена на законите. Неказнивоста, притисоците врз судството, супстандардните услови во казнено-поправните установи и порастот на говорот на омраза го кочат напредокот и ги загрозуваат основните слободи на граѓаните.
Извештајот на Европската служба за надворешни работи забележува дека правната рамка за заштита на човековите права во земјата е главно усогласена со европските стандарди, но нејзиното спроведување заглавува во практиката. Брисел упатува директни критики за ефикасноста на правосудниот систем, каде што довербата на јавноста е на критично ниско ниво.
Истрагите за случаи на корупција на високо ниво и злоупотреба на службената положба се одвиваат бавно, што го подгрева чувството на неказнивост во општеството. Извештајот потенцира дека независноста на судството мора да се заштити од сите форми на политички или економски притисоци, а Државната комисија за спречување на корупцијата и ОЈО ГОКК бараат соодветни ресурси за непречено постапување.
Еден од најострите делови во документацијата се однесува на состојбите во казнено-поправните установи низ земјата. Европските набљудувачи нотираат дека пренатрупаноста, супстандардните материјални услови, лошата здравствена заштита и појавите на насилство во затворите остануваат сериозен проблем што бара итна системска интервенција.
Забележани се и задоцнувања во спроведувањето на препораките од Европскиот комитет за спречување мачење (КИТ). Покрај ова, постапките пред Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се соочуваат со капацитетен дефицит, што директно ја намалува брзината со која граѓаните добиваат заштита на нивните со Устав гарантирани права.
Однесувањето во јавниот простор и дигиталната сфера исто така добива негативна оценка. Извештајот предупредува на зачестеноста на говорот на омраза, кој најчесто е насочен кон етничките малцинства, ЛГБТИ+ заедницата и жените. Притоа, институционалниот одговор и казнената политика за ваквите случаи се оценуваат како недоволно силни за да делуваат одвраќачки.
Медиумскиот простор се смета за делумно слободен, но новинарите и понатаму се изложени на вербални напади, притисоци и загрижувачки нивоа на онлајн вознемирување. Брисел бара од властите брза и транспарентна истрага за секој регистриран напад врз медиумските работници.