Европската Унија не го очекувала новиот потег на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
„Не можете да го кажете тоа за Европската Унија“, изјави Калас за „Ројтерс“ од Манила, каде учествува на состанокот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), одговарајќи на американските обвинувања дека ЕУ не спроведува доволно строги мерки против принудната работа.
Според неа, европските стандарди за работнички права се повисоки од американските.
„Ако го споредите нашето трудово законодавство со она на Соединетите Американски Држави, ние имаме платен годишен одмор и многу добри услови за работа за нашите вработени. Тоа навистина не е основано“, порача Калас.
Администрацијата на Трамп во петокот воведе нови царини од 10 и 12,5 отсто за стоки од околу 60 трговски партнери, меѓу кои е и Европската Унија.
Вашингтон мерките ги оправда со тврдењето дека некои земји не ги спроведуваат доволно ефикасно забраните за производи поврзани со принудна работа. Новите давачки стапија во сила по истекот на претходната привремена глобална царина од 10 отсто.
Калас призна дека Брисел бил изненаден од одлуката.
„Кој може да следи кога се воведуваат царини и кога се укинуваат? Не, не го очекувавме тоа“, изјави таа.
Новите американски мерки повторно ги зголемуваат тензиите во трговските односи меѓу Вашингтон и Брисел, откако администрацијата на Трамп најави поагресивна политика за заштита на американската економија и намалување на трговскиот дефицит.