ЕУ алармира: Во Европа дејствуваат над 700 криминални мрежи со повеќе од 400.000 членови

ов извештај на Европол открива дека во Европската Унија дејствуваат 731 организирана криминална мрежа со повеќе од 400.000 членови. Најголема закана се трговијата со дрога, онлајн измамите и сајбер-криминалот.

Организираниот криминал во Европската Унија станува сè пософистициран, подобро организиран и потешко откриен, предупредува Европол во својот најнов извештај. Според агенцијата, криминалните организации сè повеќе ги користат дигиталните технологии, финансиските системи и легалните компании за да ги прикријат своите активности и да го прошират своето влијание.

Извештајот открива дека во земјите на ЕУ моментално дејствува 731 криминална мрежа, во кои членуваат повеќе од 400.000 лица од 118 различни држави. Најголем дел од овие организации се вклучени во трговија со дрога, а веднаш зад неа следуваат финансиските измами, вклучително и интернет-измамите.

Вештачката интелигенција станува ново оружје на криминалците

Од Европол предупредуваат дека технологијата драматично го менува начинот на кој функционира организираниот криминал. Вршителот на должноста извршен директор на Европол, Јирген Ебнер, изјави дека денес речиси секоја форма на криминал е поврзана со интернетот.

Тој нагласи дека вештачката интелигенција и напредните дигитални алатки им овозможуваат на криминалните групи побрзо да се приспособуваат, да ги усовршуваат измамите и да ги избегнуваат истрагите.

Легалните компании сè почесто служат како параван

Според извештајот, криминалните организации располагаат со значителни финансиски ресурси, користат сложени механизми за прикривање на трагите и се потпираат на корупција за да ги олеснат своите операции.

Особено загрижува фактот што 85 проценти од најопасните криминални мрежи користат легални деловни структури како прикритие за перење пари, транспорт на нелегална стока или други криминални активности.

Не е доволно да се апсат поединци

Европол оценува дека досегашниот пристап, кој најчесто бил насочен кон апсење на поединечни криминалци, повеќе не е доволен. Наместо тоа, агенцијата препорачува институциите да ги таргетираат целите криминални мрежи, нивното раководство, финансиските извори и нелегално стекнатиот имот, бидејќи на местото на уапсените членови брзо доаѓаат нови.

Во извештајот се препорачува зајакнување на прекуграничната полициска соработка, поголеми инвестиции во борбата против криминалната дигитална инфраструктура и поефикасно следење на финансиските текови за одземање на незаконски стекнатиот капитал.

Европол истакнува дека организираниот криминал одамна ги надминал националните граници, па затоа и борбата против него мора да биде координирана на европско и меѓународно ниво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс