ЕТИАС ќе стане задолжителен и за македонските граѓани: Пријавата ќе чини 20 евра

Европската Унија наведува дека ЕТИАС системот треба да почне да се применува во последниот квартал од 2026 година

Македонските граѓани што патуваат во земјите од Шенген-зоната во иднина ќе треба да обезбедат електронско одобрение за патување преку системот ЕТИАС. Пријавата ќе се пополнува преку интернет и за најголем дел од патниците ќе чини 20 евра.

Сепак, ЕТИАС сè уште не е во функција и во моментов македонските граѓани не треба да поднесуваат пријава или да плаќаат надомест. Европската Унија наведува дека системот треба да почне да се применува во последниот квартал од 2026 година, но точниот датум дополнително ќе биде објавен. Информациите за почетокот ќе бидат достапни на официјалната страница на ЕТИАС.

Одобрението не е виза

ЕТИАС, односно Европскиот систем за патни информации и одобрување, не претставува виза. Станува збор за електронска дозвола за државјаните на земјите што имаат безвизен режим со ЕУ, меѓу кои е и Северна Македонија.

Со воведувањето на системот нема да се промени правилото според кое македонските граѓани можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена, за туризам, деловни патувања, транзит или кратки приватни посети.

ЕТИАС нема да овозможува вработување, долгорочен престој или студирање подолго од дозволените 90 дена. За тие цели и понатаму ќе биде потребна соодветна национална виза или дозвола за престој.

Пријавата ќе се пополнува онлајн

Патниците ќе треба да внесат лични податоци, информации од пасошот, контакт и адреса на живеење, како и да одговорат на прашања поврзани со безбедноста и претходните патувања.

Податоците ќе се проверуваат во европските безбедносни и миграциски бази. Се очекува најголем дел од пријавите да бидат обработени автоматски за неколку минути, но во одредени случаи постапката може да трае подолго или да бидат побарани дополнителни документи.

Одобреното патно овластување ќе биде електронски поврзано со пасошот и ќе важи три години или до истекот на пасошот, во зависност од тоа што ќе се случи прво. При издавање нов пасош ќе биде потребна и нова пријава за ЕТИАС.

Кој нема да плаќа 20 евра?

Таксата е зголемена од првично планираните седум на 20 евра, според информациите на Европската комисија. Од плаќање ќе бидат ослободени патниците помлади од 18 и постари од 70 години, како и одредени членови на семејства на граѓани на ЕУ. Тие, сепак, ќе треба да имаат одобрение доколку спаѓаат во категориите за кои е задолжителен ЕТИАС.

Системот ќе се применува при патување во 30 европски земји, меѓу кои Грција, Германија, Италија, Франција, Австрија, Хрватска, Словенија, Бугарија и Швајцарија. Едно одобрение ќе важи за сите земји што учествуваат во системот.

Патниците без важечко одобрение, откако ЕТИАС ќе стане задолжителен, може да не добијат дозвола да се качат во авион, автобус или брод кон земја што го применува системот. Сепак, одобрениот ЕТИАС сам по себе не гарантира влез – конечната одлука ја носи граничната полиција.

Европската Унија предупредува граѓаните да не аплицираат преку неофицијални страници што уште сега нудат „ЕТИАС дозволи“. Бидејќи системот не е активен, во моментов не може да се поднесе официјална пријава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс