Компанијата Мета, сопственик на Фејсбук, Инстаграм и ВатсАп, се соочува со сè поголем број тужби во Европа поради наводно незаконско следење на корисници и надвор од своите платформи. Според извештај на Дојче Веле, спорните практики се поврзани со таканаречените „бизнис алатки“ – невидливи програмски додатоци што се вградуваат на милиони веб-страници ширум светот. Преку нив, Мета може да собира информации за активностите на корисниците дури и кога тие не се на Фејсбук или Инстаграм.
Експертите предупредуваат дека на овој начин може да се следат пребарувања, купувања, посети на различни интернет-страници и други лични податоци. Според германски судови, ваквите алатки се присутни на голем дел од најпосетуваните веб-страници во светот. Во Германија веќе се подготвува масовна правна битка. До почетокот на 2026 година, повеќе од 91.000 корисници се приклучиле на колективна тужба, додека стотици илјади други побарале правна помош преку специјализирани платформи.
Судовите веќе донеле различни пресуди за надомест на штета. Во некои случаи на тужителите им биле доделени по 10.000 евра, додека други судови пресудиле значително пониски износи. Конечниот став треба да го даде Сојузниот врховен суд на Германија, чија одлука би можела да има влијание и врз останатите земји членки на Европската Унија.
Правните експерти сметаат дека евентуалната пресуда против Мета нема да влијае само врз технолошкиот гигант, туку и врз компаниите и веб-страниците што ги користат неговите алатки за рекламирање и анализа на податоци. Мета засега не ги коментира обвинувањата, но случајот повторно ја отвори дебатата за приватноста на интернет и за тоа колку навистина се заштитени личните податоци на милиони европски корисници.