Естонија бара решение за менталното здравје на младите во дигиталната ера

Владата формира совет од десет експерти кои треба да предложат мерки за намалување на негативното влијание на социјалните мрежи и видеоигрите врз децата и младите

Естонија презема нови мерки за заштита на менталното здравје на младите од негативните последици на дигиталното опкружување, но наместо целосна забрана на социјалните мрежи избира експертски и превентивен пристап. Премиерот Кристен Михал формираше совет од десет експерти кои треба да предложат конкретни решенија за побезбедно користење на социјалните мрежи и видеоигрите.

Советот го сочинуваат експерти од различни области, од претставници на младински организации до невронаучници и клинички психолози. Тие до следната година треба да изготват препораки за државата, родителите и младите. Целта е да се најдат начини за намалување на ризиците поврзани со дигиталните платформи, без да се занемари фактот дека интернетот и социјалните мрежи се важен дел од секојдневието на младите.

„Поважно од забраните е да најдеме решенија што навистина ќе им помогнат на младите“, порача естонскиот премиер.

Што ќе истражуваат експертите?

Советот ќе ги анализира ризиците што социјалните мрежи и видеоигрите можат да ги имаат врз менталното здравје на младите.

Меѓу приоритетите се: препознавање на ризиците за менталното здравје; спречување на проблематично користење на дигиталните технологии; подигнување на свеста кај децата и родителите; создавање побезбедна дигитална средина; заштита на правата, здравјето и благосостојбата на младите.

За претседателка на советот е избрана Андра Сиибак, професорка по медиумски студии на Универзитетот во Тарту. Таа најави дека експертите ќе работат заедно со младите за препораките да бидат засновани на научни докази, но истовремено и практично применливи за оние на кои се однесуваат.

Естонските податоци покажуваат растечки проблем

Истражувањето „EU Kids Online Estonia“ од 2025 година покажало дека децата сè почесто се среќаваат со вознемирувачки содржини на интернет, сексуално експлицитни пораки и прекумерна употреба на интернет. Истражувањето укажува и на поврзаност меѓу менталната благосостојба на децата, онлајн-насилството и изложеноста на штетни содржини.

Податоците од истражувањето „Health Behaviour in School-aged Children“ покажуваат и раст на проблематичната употреба на дигиталните технологии. Во 2022 година, 8 проценти од децата на возраст од 11 до 15 години пријавиле симптоми поврзани со зависност од социјалните мрежи, во споредба со 6 проценти во 2018 година.

Процентот бил повисок кај девојчињата, 10 проценти, наспроти 7 проценти кај момчињата. Како особено ранлива група биле издвоени 13-годишните девојчиња. Истото истражување покажало дека 63 проценти од девојчињата и 47 проценти од момчињата поминуваат најмалку два часа дневно на социјалните мрежи, при што времето поминато на платформите се зголемува со возраста.

Подолгото користење електронски медиуми за комуникација било поврзано со пониско задоволство од животот, пократко спиење, послаб училишен успех и почести депресивни епизоди.

Европа сè почесто размислува за ограничувања

Естонскиот пристап доаѓа во време кога повеќе европски земји размислуваат за ограничување на пристапот на децата и младите до социјалните мрежи. Белгија, Бугарија, Данска, Шпанија и други земји-членки на Европската Унија веќе воведуваат или разгледуваат различни форми на ограничувања.

Естонија, сепак, засега не се определува за општа забрана. Наместо тоа, владата сака да утврди кои мерки навистина можат да им помогнат на младите да ги избегнат негативните последици од прекумерната или проблематична употреба.

И технолошките компании воведуваат ограничувања

Притисокот за поголема заштита на децата расте и врз самите технолошки компании. Минатата недела „Мета“ најави нови ограничувања на своите платформи, вклучително и „Инстаграм“ и „Фејсбук“, со кои на младите корисници им се ограничува времето поминато на платформите и се воведуваат ноќни ограничувања.

Трендот покажува дека прашањето повеќе не е само дали децата треба да бидат на социјалните мрежи, туку и како да се создаде дигитална средина во која технологијата нема да биде на штета на нивното здравје и развој. Естонија сега се обидува да го најде одговорот преку комбинација од наука, превенција, образование и учество на самите млади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс