Ескалира конфликтот меѓу Авганистан и Пакистан: Талибанците возвратија со напади по смртоносните воздушни удари

Авганистанските талибанци соопштија дека нападнале цели долж границата со Пакистан, откако пакистанската армија изврши воздушни удари во кои, според ОН, загинале десетици цивили.

Тензиите меѓу Авганистан и Пакистан повторно ескалираа, откако авганистанските талибански власти соопштија дека извеле напади врз цели долж заедничката граница како одговор на неодамнешните пакистански воздушни удари. Според талибанските власти, нападите следувале по операцијата што Пакистан ја изврши во неделата, во која, според податоци на Обединетите нации, загинале најмалку 28 цивили. Би-би-си наведува дека овие информации не можеле независно да бидат потврдени.

Пакистанската армија соопшти дека соборила четири беспилотни летала и предупреди дека секоја нова провокација ќе добие „соодветен одговор“.

Двете земји меѓусебно се обвинуваат за ескалацијата. Исламабад со години тврди дека Авганистан им дава засолниште на милитанти кои изведуваат напади на пакистанска територија, обвинение што талибанските власти го негираат. Од друга страна, Кабул ја обвинува пакистанската војска дека изведува напади врз цивилни цели.

Постојат и различни тврдења за бројот на жртвите. Авганистанските власти наведуваат дека во последните пакистански воздушни удари загинале 36 цивили, а повеќе од 160 лица биле ранети, оценувајќи го нападот како „злосторство“. Пакистан, пак, соопшти дека цел на операцијата биле исклучиво милитанти во авганистанските покраини Пактија, Пактика и Кунар.

Министерот за информации Атаула Тарар изјави дека во операцијата биле убиени 29 милитанти и дека акцијата била одговор на неодамнешните терористички напади во земјата. Овие бројки, исто така, не се независно потврдени.

И покрај договорениот прекин на огнот во октомври минатата година, пограничниот регион останува нестабилен. Во изминатите месеци во вооружени судири и воздушни напади загинаа десетици луѓе, а конфликтот повторно се заканува да ја наруши безбедноста во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс