Петтото јубилејно издание на конференцијата EqualXChange vol.5, организирана од Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA, собра повеќе од 200 лидери од бизнис-заедницата, претприемачи, менаџери, HR професионалци и носители на одлуки, отворајќи дискусија за клучните теми што сè повеќе го обликуваат современото корпоративно работење.

Под мотото „Money. Mind. Influence.“, конференцијата се фокусираше на финансиската писменост, менталната отпорност, организациската култура и лидерството во услови на економска неизвесност, дигитална трансформација и сè поголем притисок врз вработените и компаниите.
Нина Ангеловска Станков истакна дека EqualXChange започнал како простор за размена на искуства и идеи, а денес прераснал во значајна платформа за реални разговори за работната култура, лидерството и човечкиот капитал.
„Темите како финансиски притисок, ментална отпорност, burnout и лидерство денес се суштински дел од корпоративната реалност. Компаниите сè повеќе сфаќаат дека одржливиот раст зависи од луѓето и организациската култура“, порача Ангеловска Станков.

На конференцијата се обрати и Марија Ристовска, која нагласи дека еднаквите можности, еднаквата плата и инклузивните работни средини не се создаваат преку изолирани иницијативи, туку преку континуирана соработка и долгорочна промена на корпоративните политики.

Во воведниот дел говореше и Елизабет Далберг Фриск, која ја потенцираше важноста на инклузивното лидерство, еднаквоста и создавањето работни средини што обезбедуваат рамноправни можности за сите.
Програмата понуди 10 keynote презентации, fireside chat разговори и панел дискусии, со теми поврзани со финансиска писменост, криптовалути, дигитални финансии, ментално здравје, burnout, психолошка безбедност во тимовите, преговарање и современи лидерски модели.
Посебен акцент беше ставен на влијанието на организациската култура врз продуктивноста и задржувањето на кадарот, тема што станува сè поактуелна во глобалниот бизнис контекст. Експертите укажаа дека компаниите кои инвестираат во wellbeing, психолошка сигурност и развој на вработените имаат поголеми шанси за долгорочен раст и стабилност.
Покрај главната програма, конференцијата овозможи и networking сегменти и expo простор каде компании и партнери ги претставија своите иницијативи за развој на современо, инклузивно и одржливо бизнис-опкружување.
EqualXChange vol.5 уште еднаш потврди дека темите како финансиска писменост, ментална отпорност, лидерство и еднаквост на работното место повеќе не се споредни корпоративни теми, туку суштински фактори за конкурентноста и иднината на бизнисот.