Проширувањето на Европската Унија кон земјите од Западен Балкан мора да продолжи со засилено темпо, бидејќи денес претставува не само политички процес, туку и стратешки геополитички интерес за Европа. Ова беше една од главните пораки на самитот на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржа во Сараево.
Лидерите на најголемата политичка групација во Европскиот парламент оценија дека интеграцијата на регионот е клучна за обезбедување долгорочен мир, стабилност и безбедност на европскиот континент. Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, истакна дека Европската Унија направила значителен пресврт во својот пристап кон проширувањето.
„Брисел го промени пристапот кон проширувањето – од бирократски во геополитички. Но, напредокот и понатаму ќе зависи од спроведувањето на реформите“, порача Вебер.
Тој предупреди дека кај дел од европските граѓани и натаму постојат резерви околу ново проширување, поради што, според него, е неопходна јасна визија за идните граници и улогата на Унијата. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека Европската Унија не смее да дозволи земјите од регионот предолго да останат во чекалницата за членство.
„По руската агресија врз Украина политичките околности се променија. Овој момент треба да се искористи бидејќи никој не знае кога повторно ќе се отвори ваква можност“, нагласи Пленковиќ.
На самитот учествуваше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, кој порача дека одолговлекувањето на евроинтеграциите повеќе не е одржлива опција.
„Ниту Европската Унија, ниту земјите од регионот немаат луксуз да губат време. Проширувањето е најдобриот одговор на актуелните геополитички предизвици“, истакна Муцунски.
Свои ставови презентираа и лидерите од другите земји од регионот. Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ ја нагласи посветеноста на Подгорица кон реформите и европскиот пат, додека претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ порача дека Србија останува цврсто ориентирана кон членство во ЕУ, иако призна дека во моментов заостанува зад Црна Гора и Албанија во процесот на пристапување.
Од Босна и Херцеговина, претседателката на Советот на министри Борјана Кришто истакна дека напредокот кон ЕУ ќе зависи од способноста на домашните политички фактори да постигнат компромис за клучните реформи и изборните правила. Самитот во Сараево испрати јасна порака дека Западен Балкан останува високо на европската агенда, а проширувањето сè повеќе се гледа како безбедносно и геополитичко прашање, а не само како административен процес.