Вчера Епл го претстави својот најамбициозен и истовремено најризичен, нов хардверски производ во изминатите години, очила за мешана реалност наречени Apple Vision Pro. Извршниот директор на Епл, Тим Кук ги промовираше очилата кои комбинираат виртуелна и проширена реалност како револуционерен производ со потенцијал да го промени начинот на кој корисниците комуницираат со технологијата, едни со други и со светот околу нив.
Но, освен очилата за мешана реалност на Worldwide Developers Conference на Епл беа презентирани и серија други производи на компанијата кои исто така го привлегоа вниманието на јавноста.

Епл презема ризик со очилата
Apple Vision Pro изгледа како пар очила за скијање и им дозволува на луѓето да преклопуваат виртуелни слики на видеа во живо од реалниот свет. Кук, кој со години зборува за потенцијалот на проширената реалност, ги промовираше очилата како „првиот производ низ кој гледате, а не во кој гледате“.
Според Епл, откако корисникот ќе го стави уредот, ќе може да ги види апликациите директно проектирани пред него. На настанот, Епл покажа низа уникатни искуства со производот, вклучувајќи апликации за медицина, продуктивност и забава. Извршниот директор на Дизни, Боб Ајгер, исто така се приклучи на настанот на Епл за да разговара за тоа како Дизни ќе креира содржина за новите очила Vision Pro.
За разлика од другите вакви уреди, новите очила за мешана реалност ќе ги прикажуваат очите на своите корисници однадвор, така што „никогаш не сте изолирани од луѓето околу вас, можете да ги видите и тие да ве видат вас“, рече Алан Дај, потпретседател на секторот човечки интерфејс во Епл.
Но, производот се соочува со голем број предизвици: Епл се втурнува во недокажан пазар преполн со други технолошки компании кои се обидоа и во голема мера не успеаја да најдат мејнстрим побарувачка за нивните уреди. Епл, исто така, наплаќа 3.499 долари за уредот – повеќе отколку што се шпекулираше и голема сума во време на долготрајна економска несигурност.
Виртуелната реалност пред вештачката интелигенција
Додека голем дел од фокусот на настанот беше предвидливо на вирутелната реалност, Епл не обрати многу внимание за тоа како држи чекор со моменталната опсесија на Силиконската долина: вештачката интелигенција.
Во последниве месеци, повеќето ривали на Епл поставија амбициозни планови за тоа како да вградат генеративна вештачка интелигенција во нивните производи по виралниот успех на ChatGPT. WWDC ќе беше природна можност за Епл да го стори истото. Наместо тоа, Епл зборуваше за вештачката интелигенција на посуптилен начин. На пример, Епл објави ажурирање за автоматска корекција што користи машинско учење и јазичен модел за подобра точност, па дури и „автоматски корекции на ниво на реченица“. Епл исто така ќе ги прошири своите способности за предвидување текст.

„Кога станува збор за забрзување на пишувањето, предвидливиот текст веќе ви помага брзо да завршите со додавање или менување збор“, рече на настанот Крег Федериги, постар потпретседател за софтверско инженерство на Епл.
Епл го претстави 15-инчниот MacBook Air
Првиот хардверски производ претставен на настанот беше 15-инчен MacBook Air со M2 процесорот на Епл. Епл соопшти дека новиот MacBook Air е најтенкиот лаптоп во светот, со само 11,5 mm. Исто така, тежи само 3,3 килограми. Новиот MacBook Air ветува 18 часа траење на батеријата, значително побрзи перформанси од MacBook Air напојуван од Intel и звучен систем со шест звучници.
Почнува од 1299 долари и 1199 долари за студенти. Во меѓувреме, постариот 13-инчен MacBook Air со M2 сега чини 999 долари. Покрај најновиот MacBook Air, Епл ги претстави и чиповите M2 Max и M2 Ultra како ажурирања на своето Mac Studio. Програмерите можат да градат нови апликации со огромна брзина, со до 25 пати побрзи перформанси од M1 Max.
Нови функции за FaceTime, Messages и повеќе
Епл, исто така, претстави низа нови надградби кои доаѓаат на iOS 17 подоцна оваа година, вклучително и нови алатки за да ги направи повиците и пораките со други поперсонализирани и приспособени.
iOS 17 сега ќе добие „постери“ за контактите, што ќе им овозможи на корисниците на iPhone да дизајнираат приспособена слика за да се појавува кога ќе повикате некого или кога ќе го примите неговиот повик. Корисниците на iPhone ќе можат да го персонализираат својот „постер“ на контакт картичката со фотографија или „мемоџи“ по избор, како и текст.
Новата функција наречена Live Voicemail ја транскрибира пораката на повикувачот во реално време, така што корисниците можат да одлучат дали да ја игнорираат или да го прифатат повикот. Тие воведуваат и функција за пријавување со цел олесено предупредување и известување на пријателите и семејството за нивната безбедност. А алатката наречена NameDrop им овозможува на корисниците да ги споделат своите информации за нивните контакти држејќи два iPhone-а блиску еден до друг.
Освежување добија и часовниците, iPad и AirPods
Компанијата, исто така, објави софтверски ажурирања за iPad, Apple Watch и AirPods. iPad ќе добие некои од популарните постоечки функции за заклучување на екранот на iPhone, вклучувајќи ја и можноста за персонализирање на позадините, како и нови интерактивни графички контроли за да добиете повеќе информации на прв поглед и да извршите брзи дејства.
Apple Watch ќе добие Smart Stack што користи машинско учење за прикажување на релевантни виџети, од дневници за лекови и календари до прегледување податоци за спиење.
Компанијата исто така најави и нови „прилагодливи аудио“ функции на своите безжични AirPods. Ажурирањето е наменето да ги намали звуците што го одвлекуваат вниманието при менување на опкружувањето, а исто така и да ги научи преференциите на слушателот за AirPods, па ваквите измени да се прават во од.
Извор: CNN