Пожар предизвикан од претходна експлозија, го зафати денеска воено-производствениот и складиштен комплекс во близина на селото Белица, во општина Трјавна, Бугарија.
Од објектот биле евакуирани околу 300 работници, информираа бугарските медиуми
Според првичните информации, инцидентот се случил околу пладне, кога се запалил камион, по што пожарот се проширил кон складиште во кое имало муниција. Од објектот потоа биле регистрирани и дополнителни детонации, додека над областа се издигнал густ чад.
Регионалната гувернерка на Габрово, Кристина Сидорова, соопшти дека во инцидентот нема загинати или повредени работници и дека сите лица кои се наоѓале во објектот биле навреме евакуирани.
Поради опасноста од чадот и можноста за дополнителни детонации, локалните власти ги повикале жителите на околните населени места да останат во своите домови. Како дополнителна превентивна мерка, била наредена и евакуација на дел од блиските населени места додека пожарникарите интервенирале на терен.
Според досегашните информации, најверојатно станува збор за несреќен случај, а не за намерен чин или саботажа. Бугарското национално радио објави дека пожарот можеби избувнал при полнење на резервоари со гориво од цистерна, по што дошло до палење и експлозија на муницијата во еден од магацините.
Објектот е во сопственост и под управување на бугарската одбранбена компанија ЕМКО, чиј сопственик е бизнисменот Емилијан Гебрев. Локацијата кај Белица е класифицирана како индустриски објект со висок потенцијал за ризик, поради активностите поврзани со производство и монтажа на муниција, работа со експлозивни материјали и поправка на оружје.
Надлежните служби продолжуваат со интервенцијата и со безбедносните мерки во околината, а истрагата треба да ги утврди точните причини за избувнувањето на пожарот и последователните експлозии.