Рекордно нискиот водостој на Дунав сериозно го погоди енергетскиот систем на Србија. Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, предупреди дека хидроелектраните „Ѓердап 1“ и „Ѓердап 2“ бележат историски ниско производство на електрична енергија.
Според неа, „Ѓердап 1“ моментално работи со само 20 проценти од капацитетот, а „Ѓердап 2“ со околу 30 проценти. Дотокот на вода во Дунав изнесува само 1.500 кубни метри во секунда – најниско ниво од 2003 година, а пред тоа слична состојба е забележана во 1985 година.
„Во последните три месеци имаме рекордно ниско производство на електрична енергија во хидроелектраните поради екстремно нискиот водостој на Дунав“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ за РТС.
Таа посочи дека реконструкцијата на реверзибилната хидроелектрана „Бајина Башта“, завршена пролетва, значително помага во управувањето со системот. Во периоди кога струјата е поевтина, водата се испумпува во акумулацијата, а произведената енергија се користи во часовите кога потрошувачката е најголема.
Министерката истакна дека акумулациите во Србија во моментов се исполнети околу 75 проценти, состојбата во термоелектраната „Костолац“ е стабилна, а во ТЕНТ нема проблеми со снабдувањето со вода од Сава за ладење. Послабиот квалитет на домашниот јаглен, како што рече, се компензира со увоз на покалоричен јаглен.
Поради продолжениот топлотен бран, дневната потрошувачка на електрична енергија достигнува меѓу 100 и 105 гигават-часови, нивоа карактеристични за најстудените зимски денови.
Во меѓувреме, едномесечното продолжување на лиценцата за НИС овозможило нова набавка на сурова нафта, но долгорочното решение, според министерката, ќе зависи од разговорите меѓу руските сопственици и компанијата МОЛ.